Македонија бележи раст на бруто-домашниот производ од три проценти во третиот квартал годинава, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Во услови на сложени геополитички и економски случувања ова е добар резултат – оцени премиерот Мицкоски, кој рече дека само пет земји од Европската унија имаат повисок раст. Според Мицкоски, растот е показател дека успеале да ја консолидираат економијата, а тоа се должи на зголемената јавна и приватна потрошувачка. Растот на БДП ги надмина прогнозите на Светска банка, која предвиде Македонија да има најмал раст во регионот од 1,8 насто.
„Досега сето ова справување со економските предизвици е на задоволително ниво, секогаш може подобро, ќе се стремиме да биде подобро и ќе биде подобро. Можам да кажам дека очекувам во следните шест месеци да имаме стабилен економски раст, еден од најдобрите во Европа и секако меѓу првите два – три во регионот што впрочем го покажуваме и со растот во третиот квартал“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на Владата.
Мицкоски се фали со економските политики на СДСМ – реагира опозицијата. Оттаму велат, во услови на глобална и економска криза, нивната влада успеала да ги зачува работните места и стандардот на граѓаните, да ја намали инфлацијата, да пораснат платите и пензиите растеа.
„СДСМ врати над 2,6 милијарди евра назад кај граѓаните со 9 пакети економска помош за граѓаните, но и за компаниите во време на тешка криза. Инфлацијата ја намаливме на ниво пред кризата, а платите ги зголемивме на историски највисоко ниво. Затоа и минатата 2023 година македонскиот БДП имаше реален раст од 2,1% иако економски беше далеку потешка и посложена“ – пишува СДСМ во реакцијата.
Предвидувањата на власта се дека бруто-домашниот производ во четвртиот квартал годинава повторно ќе бележи пораст.
Власта очекува инвестициите во инфраструктурни проекти со пари од унгарскиот заем дополнително да ја засилат економијата во земјава, а странските инвестиции да надминат една милијарда евра.