Лидерот на Чеченската Република, Рамзан Кадиров, изјави дека лично побарал од рускиот претседател Владимир Путин да го разреши од функцијата, во екот на шпекулациите за неговата здравствена состојба и можноста за повлекување.
– Чув и јас за тие гласини. Пишуваат секакви работи. Напротив, јас лично побарав да бидам разрешен. Оној што ќе дојде по мене ќе има свои иницијативи, своја визија. Се надевам дека моето барање ќе биде прифатено, истакна Кадиров.
Според порталот „Новаја Газета Европа“, Кадиров (48), кој на чело на Чеченија е од 2007 година по именувањето од Путин, се подготвува власта да му ја предаде на својот 17-годишен син Адам.
Ова не е првпат Кадиров да говори за можноста за повлекување. Уште во 2017 година, во интервју за државната телевизија „Русија 1“, тој изјави дека тоа би била неговата „животна желба“. „Тогаш требаше човек како мене за да се бори и воспостави ред. Сега имаме ред и благосостојба… време е за промени во Чеченската Република“, рече во тоа време..
Кадиров е близок сојузник на Путин и активно учествуваше во руската инвазија врз Украина, испраќајќи борци од мнозински муслиманската Чеченија на боиштата.