Албанскиот премиер Еди Рама, во пресрет на отворањето на прифатниот центар во Шнѓин и кампот во Ѓадр, каде ќе бидат сместувани имигранти, во интервју за „Ројтерс“ отфрлил секаква можност за договор со друга земја од ЕУ, освен Италија, за прием на имигранти, пренесуваат албанските медиуми.
Додал дека Албанија склучила договор со Италија да ги прифати бегалците кои пристигнуваат таму, за да помогне во спречувањето на нерегуларната миграција во ЕУ.
Запрашан дали е можен таков договор и со Германија, тој одговорил дека во моментов нема доволно капацитет и оти „Германија мора да најде друг партнер“.
Откако потпишаниот договор со Италија, на 6 ноември минатата година, беше поттик тоа од Албанија да го побара и Обединетото Кралство, по неуспешниот план за депортација на мигранти во Руанда, Рама го отфрли барањето велејќи дека тоа е „ексклузивно само за Италија“.
Ова е прв пример на земја која не е членка на ЕУ да прима мигранти во име на земја-членка на Унијата.
Рама, како што претходно изјави нема информации за точниот датум кога ќе пристигнат првите мигранти ниту дали ќе има „свечено сечење на лента“, додавајќи дека тоа е се под надлежност на италијанските власти.
Според домашните медиуми, во Албанија претпладнево пристигнати се италијански новинарски екипи, што е предвесник дека првите мигранти ќе пристигнат денеска.
Во центрите можат да престојуваат до 3,000 мигранти месечно или 36 илјади годишно.