Home » „Работа, работа и само работа“: Новиот француски премиер го одржа првиот состанок на владата

„Работа, работа и само работа“: Новиот француски премиер го одржа првиот состанок на владата

by Журнал

Новиот француски премиер Габриел Атал го одржа првиот состанок на Владата под мотото „работа, работа и само работа“, соопштија од Елисејската палата.

Атал, кој е најмладиот премиер во француската историја и првиот јавно деклариран хомосексуалец на оваа позиција, раководи со релативно мал кабинет од 14 министри.

Во следните 10 дена Владата ќе биде засилена со дополнителни помлади министри, односно државни секретари, соопшти кабинетот на францускиот претседател, додавајќи дека помалата влада на Атал ќе биде поефикасна. Француските кабинети обично имаат меѓу 30 и 40 членови, вклучително и државни секретари.

Француското претседателство објави дека владата се обидува да се „подмлади“ со промена на министри, при што свежи лица ќе им се приклучат на искусните министри кои ќе останат на функцијата.

Стефан Сежурне (38), кој вчера стана најмладиот министер за надворешни работи во историјата на Франција, по преземањето на функцијата изјави дека ќе ја следи политиката на претседателот Емануел Макрон, што подразбира „независна Франција во моќна Европа, способна нејзиниот глас да се слушне во новиот мултилатерален свет“. Сежурне е и поранешен партнер на Атал со кој живеел во истополова заедница.

Најмлада министерка е Мари Лебек (33), која е задолжена за соработка со парламентот. Од Елисејската палата истакнаа дека следната недела Макрон ќе одржи говор во кој ќе ги претстави своите приоритети за наредната година, пред Атал да го одржи својот прв говор пред францускиот Парламент.

Во согласност со политичкиот систем на Франција, премиерот, назначен од претседателот, е одговорен пред Парламентот и е одговорен за спроведувањето на внатрешната политика, особено во областа на економијата. Претседателот има значителни овластувања во областа на надворешната политика и европските прашања, а исто така е и врховен командант на вооружените сили.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More