Путин: Американските напади врз Иран се „неиспровоцирана агресија“
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека воздушните напади на САД врз Иран претставуваат „апсолутно неиспровоцирана агресија“ и дека „нема никакво оправдување или основа“ за такви дејствија.
Изјавата ја даде во Москва, за време на средбата со иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи, додека трае ескалацијата на судирот меѓу Иран, Израел и САД.
„Ова е отворена агресија врз Иран, без основа и без оправдување“, рече Путин, додавајќи дека ставот на Русија веќе е јасно изразен преку Министерството за надворешни работи.
Руското МНР претходно објави соопштение во кое најостро ги осуди американските напади врз иранските нуклеарни постројки и повика на итен прекин на агресијата, како и зајакнување на дипломатските напори.
Израел ја започна својата операција против Иран на 13 јуни, на што Исламската Република возврати за помалку од 24 часа. Борбите продолжуваат, при што двете страни пријавуваат жртви и уништена инфраструктура.
САД се вклучија во конфликтот девет дена по ескалацијата, ноќта на 22 јуни, кога нивни бомбардери извршија напади врз три ирански нуклеарни локации: Фордо, Натанц и Исфахан.