Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски денеска присуствуваше и се обрати на официјалното пуштање во употреба на реконструираниот и рехабилитиран пат Крива Паланка- Деве Баир.
Во продолжение интегралното обраќање на премиерот:
Денеска ја означуваме успешната реконструкција и рехабилитација на патната делница Крива Паланка- Деве Баир, со што ја привршуваме модернизацијата на патните правци во североисточниот дел од државата кој беше заборавен со децении.
Овој пат беше предмет на разговор којшто го имав првиот ден како претседател на Владата со министерот Бочварски, со премиерот на Бугарија Кирил Петков и со нивниот тогашен министер за транспорт и врски. И тогаш кажавме дека овој патен правец комплетно ќе го рехабилитираме, комплетно ќе го реконструираме и ќе отвориме трета лента којашто во тоа време не постоеше.
Истовремено ќе извршиме рехабилитација на патот до Страцин и дека ќе ги отпочнеме работите на експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка кој доколку медиумите сега отидат ќе видат дека се работи со забрзано темпо.
Ние нашето ветување си го остваривме. Е сега сакам да му кажам на амбасадорот Гир и на медиумите да му пренесат не сегашниот премиер на Бугарија и на поранешниот премиер на Бугарија Кирил Петков, а сегашен се уште претседател на партијата „Продолжуваат промените“, дека тие нивната работа не си ја завршија. Ниту го завршија делот на патот кај Ќустендил, ниту го завршија делот на патот на страната на Бугарија кон ГП Клепало.
Така што, амбасадоре Гир, можете преку Брисел да им кажете дека ние нашата работа ја завршивме, а тие нивната работа не ја завршија.
Државниот пат А2, делницата Крива Паланка- Деве Баир, кој денеска официјално го пуштаме во употреба е во должина од 13 километри, каде е извршена рехабилитација, санација на пропустите на патот, но и проширување со трета лента.
Се работи за инвестиција од 12, 2 милиони евра обезбедени преку грант на ЕУ и поддршка преку ЕБОР, за што во оваа прилика сакам да изразам благодарност на евроамбасадорот Гир и директор на ЕБОР за финансиските средства кои беа одобрени.
Со проширувањето и рехабилитацијата на овој клучен патен правец, дел од паневропскиот Коридор 8, ставаме крај на потешкотиите на граѓаните кои го користеа и овозможуваме побрзо и побезбедно патување до граничниот премин Деве Баир.
Реализацијата на патните правци, кои се дел од Коридорот 8 и Коридорот 10-д за нас се од посебно значење бидејќи инвестициите во овие два коридори се политички и економски влог во нашата европска иднина.
Веќе го пуштивме во употреба магистралниот пат Куманово-Страцин, кој се рехабилитираше за прв пат после повеќе од 30 години и каде се вложени околу 12 милиони евра. Во тек се градежните активности на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка и сега, со рехабилитацијата на патот од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир го комплетираме источниот дел од Коридор 8.
Целиот овој регион го заживуваме по неколку децениски застој. Плановите на многу влади пред нас, ние ги реализираме бидејќи за нас приоритет се потребите на граѓаните.
Создаваме држава со модерна патна инфраструктура каква досега не е изградена. Се гради насекаде и тоа по современи стандарди. Нашите постигнувања носат придобивки за нашите граѓани кои тоа го гледаат и го вреднуваат.
Во последните пет години за модернизација на патната мрежа низ државата преку изградба и рехабилитација на патишта се имплементирани крупни инфраструктурни проекти кои порано беа само на хартија.
Започнавме со реализација и на најголемата капитална инвестиција во историјата на нашата земја Коридорот 8 и Коридорот 10-д коишто за прв пат ќе не поврзат со исток и запад, со што Македонија станува клучен транзитен центар.
Со изградбата на овие два коридори ги зајакнуваме врските со соседите, отвораме 8000 работни места, создаваме можности за нови бизниси, ги вклучуваме во работа и домашните компании и стимулираме економски раст и зголемување на трговската размена. Дополнително, ќе има простор за нови бизниси и нови работни места во регионите каде поминуваат коридорите со чија изведба се предвидува номинален раст на БДП од 2% годишно во наредните пет години.
Македонија го менува својот лик и станува уште подостапна за инвеститорите кои се повеќе ги препознаваат нашите можности и потенцијали. Ако минатата година беше година на нови можности, оваа година очекувам да биде година на европски можности кои се зголемуваат и со Планот за раст за Западен Балкан кој се очекува да обезбеди забрзан напредок на земјите од регионов и побрзо вклучување на заедничкиот европски пазар.
Овие европски можности ќе ни ја обезбедат нашата европска иднина на која посветено работиме, а така и ќе продолжиме!
Сакам да се заблагодарам за успешната реализација на овој проект, прво на министерот Бочварски, исто така на министерот Николовски кој секогаш ги застапува интересите и на североисточна Македонија и на Крива Паланка и на сите општини кои се во Крива Паланка, на градоначалникот Митовски кој исто така со општинската администрација помогнаа сите проекти да се реализираат и секако на изведувачите и работниците кои работеа на овој патен правец.