Home » Психолозите алармираат дека многу ученици се борат со анксиозност, депресија за кои ретко се зборува отворено

Психолозите алармираат дека многу ученици се борат со анксиозност, депресија за кои ретко се зборува отворено

by Журнал.мк

Во време кога менталното здравје на младите станува сè позагрижувачка тема, училишните психолози алармираат дека многу ученици се борат со анксиозност, депресија и други предизвици за кои ретко се зборува отворено. Недостигот на едукација и поддршка во училиштата често ги оставa младите без простор за споделување и помош. Кампањата „Твоја приказна, наша поддршка“, што ја спроведува граѓанската организација „Младите можат“, не само што ја адресира оваа потреба, туку и поттикнува активен дијалог меѓу средношколците, професорите и стручните служби во училиштата.

Според Ана Попризова, училиштен психолог во гимназијата „Орце Николов“, кампањата „Твоја приказна, наша поддршка“ доаѓа во исклучително значајно време бидејќи во последните години е забележан пораст на проблемите поврзани со анксиозност, депресија и меѓуврсничко насилство кај младите.

„Голем број ученици се соочуваат со проблеми за кои не зборуваат, поради страв од осудување или неразбирање. Многу од нив немаат пристап до соодветна поддршка во рамки на училиштата, што создава чувство на изолација. Кампањата на „Младите можат“ е исклучително важна бидејќи фокусот е на отворен дијалог и создавање безбедни простори каде учениците можат да ги споделат своите проблеми“, вели Попризова.

Психолозите, вклучени во кампањата, потенцираат дека недостигот на свест и соодветна едукација за менталното здравје меѓу наставниците и учениците е една од клучните бариери за подобрување на состојбите. „Проблемите се често поврзани со недоволна поддршка во училиштата, каде што се очекува дека наставниот кадар и стручните служби ќе бидат првите кои ќе забележат и реагираат на знаци на стрес и анксиозност. Но, за тоа е потребна едукација и промени во училишната структура“, додава Попризова.

Анкета за визијата на средношколците за подобри училишта

Дел од кампањата е и онлајн анкета која им овозможува на учениците да ги изразат своите ставови за тоа како би требало да изгледа училишна средина која го поддржува нивното ментално здравје, а нејзините резултати ќе се искористат за препораки до надлежните институции.

„Преку оваа анкета ќе добиеме увид во тоа како младите ја замислуваат средината во која учат и каква поддршка им е потребна. Собраните податоци ќе ги искористиме за да дадеме препораки до надлежните институции како Министерството за образование и Бирото за развој на образованието“, објаснува Филип Ивковски, програмски координатор во „Младите можат“.

Анкетата е достапна онлајн и секој средношколец е повикан да учествува и да го изрази своето мислење за односот со соучениците, професорите и училишниот персонал, како и да ја претстави својата визија за инклузивна и одржлива училишна средина.
Кампањата „Твоја приказна, наша поддршка“ се спроведува во рамки на проектот „Практикувај демократија“ на Фондацијата за демократија на Вестминстер, со поддршка на Британската амбасада во Скопје.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk