По големата трагедија која однесе 59 млади животи, траума која донесе неиздржлива болка за семејствата, но и голема тага, шок и неверување во целата држава, психолози волонтери од самиот почеток ја нудат својата стручна помош и поддршка на ученици, студенти, граѓани, но и на повредените од Штип, Виница и Кочани, од каде што се најголем дел од жртвите во пожарот во дискотеката „Пулс“. Психолозите работат и на терен, но и ја нудат својата поддршка и преку телефонски повици.
Всушност, покрај институционалните сегменти кои функционираат во делот на расветлување на случајот и лекувањето на повредените, во моментот може да се каже дека психолозите со нивната поддршка ја имаат една од главните улоги во справување со последиците од оваа кризна ситуација кои се трауматични и е потребно време дури и за општествено исцелување, а да не зборуваме за индивидуално.
За улогата на психолошката помош, пред сѐ на младите и за животните предизвици со кои се соочува поединецот по трагедијата во Кочани, за „Нетпрес“ зборува Кристина Атанасова, стручен соработник – психолог во СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито” во Скопје, и една од првите психолози кои се вклучија доброволно да работат на терен по повикот од Министерството за образование и наука.
Што генерално може да се забележи кај децата со кои работат психолозите во училиштата во Кочани и Штип?
Сите ние сме афектирани од овој колективен трауматски настан, но факт е дека како што секој реагира различно, така и секој заздравува различно.
Генерално, од ден на ден состојбата кај децата се менува. Во првите денови, сите беа во фаза на шок и неверување. Таа е онаа првата фаза, кога одбиваме да ја прифатиме реалноста и ја негираме истата. Потоа беше присутна фазата на лутина, бес, гнев, револт, себеобвинување и прашања дали направиле доволно, особено младите кои биле присутни на местото на настанот. Очекувано е да се јавуваат кај младите прашања од овој тип и во оваа фаза е многу важна работата со стручни лица, за да се надмине истата на ефикасен начин, со цел намалување на чувството на вина кое потенцијално би ги следело понатаму во текот на животот. Во моментов најдоминантна е тагата, што е нормална реакција. Секако дека зборувам за една генерална слика за состојбата кај децата, повторно ќе кажам, секоја личност различно минува низ овие етапи. Зборуваме за состојба која е присутна кај децата не само во Кочани, Штип, Чешиново Облешево, Виница, локалните места, но и на ниво на целата држава.
Како младите се соочуваат со траумата од голема загуба и смрт и дали воопшто сакаат да зборуваат за своите емоции?
Интересот за да зборуваат со психолог кај младите, без разлика дали групно или индивидуално е навистина голем. Се случува и после групната работа, голем дел од младите, средношколци или студенти да побараат индивидуална средба, што е показател за свесноста за своето ментално здравје. Особено е важен фактот дека со отпор не се соочуваме. Младите се запознаваат дека поддршката од семејството, пријателите, но и психолошката помош се нешто што, ако можам да кажам, може да го олесни, процесот на заздравување од траумата. Свесноста за своите емоции, начините на кои се поминува слободното време, физичката активност, уметноста, сликање, пишување, спорт, изнаоѓање начини како да се ослободиме од наталожениот емотивен наплив, не дека нема да продолжи да постои, но ќе се чувствува личноста олеснето. Работиме и на тоа дека не е погрешно и да се насмееме, да кажеме шега, тоа не значи дека не сме тажни или не чувствуваме болка.
Колку психолози сте на терен?
По повикот кој го добивме од страна на Комората на психолози, Министерството за образование и наука, Црвениот крст и УНИЦЕФ пријавени сме повеќе од 130 колеги психолози, доброволно да се вклучиме во работа на терен во засегнатите подрачја. Но, не сите се охрабруваат да се вклучат во работа на терен. Ги охрабрувам сите колеги кои можат да се вклучат во теренската работа и директната помош во работата со сите засегнати лица, заеднички да помогнеме да ја надминеме оваа колективна траума. Нашата работа е хумана работа и сега сме најпотребни.
Во што се состојат психолошките советувања на учениците и студентите?
Како тим од психолози, работиме со секоја целна група која е директно засегната во работата со млади. Работиме со вработените во градинките, основните, средните училишта, универзитетот. Со студентите и средношколците се насочивме на групна работа, која им овозможува да сфатат дека не се сами во оваа ситуација, дека како врсници се тука еден за друг и споделувањето во група може да донесе голем бенефит за подобро пребродување на сопствените искуства. И навистина, во пракса се покажа дека младите си се најголема поддршка едни со други во овие моменти.
Дали ваша помош имаат побарано и некои од семејствата директно засегнати во трагедијата?
Во Штип во просториите на Универзитетот „Гоце Делчев” има отворен Центар за психосоцијална поддршка на граѓаните. Изминативе две седмици покрај работата во институциите, постојано некој од нас колегите е присутен во психолошкото советувалиште, со цел да обезбедиме постојана наша достапност во случај на потреба на секој граѓанин. Ваква достапност на психолози е обезбедена и во Кочани и останатите засегнати подрачја. Секако дека разговор побараа семејствата кои се директно или индиректно засегнати, но и голем број на личности од различни професии кои биле присутни на местото на настанот таа вечер. Луѓето се свесни дека покрај поддршката од блиските, неопходна е и поддршката и разговорот со психолог, за да се изборат со трагедијата. Остануваме достапни на терен и во следниот период и моја препорака е секој поединец кој ќе почувствува потреба да нѐ контактира за индивидуален пристап.
Најдовме модул за да не препознаваат граѓаните, секој психолог носи маичка на која пишува ПСИХОЛОГ, па ни се случува и додека се движиме од една до друга локација на која работиме на терен, да не застанат граѓани и да побараат разговор.