Македонија е прва во Европа по бројот на избегани затвореници на секои 10.000 затвореници. Индексот од 691 би значел дека од земјата избегале 140 лица на вкупен капацитет од 2.000 затвореници во 2020 година, што е фрапантно повисоко од нашите соседи. На второ место во Европа е Холандија, со 315 затвореници, што е половина од нашата бројка, а потоа Швајцарија со 284 лица. Податоците ги објави сајтот landgeist.com, повикувајќи се на Годишната казнена статистика на Советот на Европа.
За споредба, нашите соседи имаат индекс од 0 до 22 избегани затвореници на 10.000 лица, а во регионот се истакнува Хрватска со индекс 65, што е за десет пати помал индекс од македонскиот. Се чини дека во помалите земјите кои природно имаат помалку затвореници луѓето повеќе бегаат, пишува во статијата. Ова важи и за нордиските земји, како Холандија, кои имаат малку затвореници, но многу бегства. Исклучок меѓу нив е само Белгија.
Чудно е дека на мапата во соседна Албанија, Црна Гора, па и Словенија нема воопшто избегани. Тоа е затоа што овие земји, барем формално, не пријавиле бегства од нивните затвори. Во групата со „нула“ бегства спаѓаат и Малта, Кипар, Сан Марино, Монако, Чешка, Северна Ирска и Латвија.
„Нулата“ е разбирлива за градот-држава Сан Марино, која имаше само еден затвореник во 2019 година, а следната 2020 година воопшто немаше затвореници.
За утеха, Македонија е во европскиот просек од 80 до 100, кога станува збор за тоа, колку затвореници има на 100.000 жители. Ние имаме 102, односно околу 2.000 затвореници на 2 милиони жители.