Во насока на засилена промоција на фудбалската игра на домашната сцена, ЕКИПА со избор на најдобрите од секоја рунда натпревари од ПМФЛ. Покрај тимот на колото и најдобриот играч, ќе се обидеме да ви ги доближиме и сите најинтересни моменти од секое коло, низ една рекапитулација на настаните.
ТИМ НА 22. КОЛО
Струга ТЛ му го нанесе првиот пораз на лидерот Шкендија во пролетниот дел од сезоната. Со тоа ја направи трката за титулата понеизвесна, со оглед дека Силекс триумфираше на гостувањето кај Беса, а Гостивар кај Брера. И сега се „стопи“ разликата од пет, на само два бода, односно на три. После Струга ТЛ, се чини уште еден ривал полека испаѓа од игра за првото место. Работнички загуби на „домашен терен“ од Вардар, и со тоа самиот се отпиша од битката за врвот на табелата. „Романтичарите“ не се истиот тим од есенскиот дел, се покажа дека заминувањата на Регба и на Мазари оставиле трага на тимот од Дебар Маало. Вардар, пак, покажа уште еднаш зрели амбиции да опстане во ПМФЛ. Уште малку за мечот во Струга. Струга ТЛ, конечно, заигра како во најдобрите шампионски денови. Прва победа на тренерот Илчо Ѓорѓиоски, па сега шампионот повторно ја врати неизвесноста во битката за титулата пред последниот трет круг во шампионатот, а Сава Радиќ е најдобриот играч на колово со неговите два гола против актуелниот лидер на табелата. Ќе се води жестока битка помеѓу Шкендија, Силекс и Струга ТЛ, а тука е и Работнички од сенка. На дното, пак, исто се сменија работите. Вардар исплива, додека Беса остана закована за дното. На тимот од Добри Дол не му оди на почетокот на пролетта. Само два бода од четирите кола, што е премалку за момците на Горазд Михајлов, со оглед дека тимот со имиња располага со доста квалитетни играчи како Сиљановски, Алими, Стојановски, Велија, Незири, Захов… Најмалку кој очекуваше дека ќе добијат „петарда“ на домашен терен од Силекс. Шкупи го претрпе првиот пораз пролетва, и загуби од Тиквеш. За кавадарчани големи три бода во битката за опстанокот, а им одговара и поразите на Брера, Воска и Беса. Овие три тима заедно со Тиквеш и со Вардар, ќе водат жестока битка кој за избегнување на последните две места, кои за избегнување на баражот за опстанок.
====================================
ИГРАЧ НА КОЛОТО: Сава Радиќ (Струга ТЛ)
Ретко кога еден дефанзивец ќе се пофали со два гола на еден натпревар, а да не се од белата точка. Тоа му успеа на Сава Радиќ кој успеа два пати да го „тресне“ актуелниот лидер на табелата, и ја понесе „титулата“ играч на колото. На Радиќ му успеа нешто кое не им успева на многу играчи и во нападот во екипите на нашата ПМФЛ.
================================
ТРЕНЕР НА КОЛОТО: Илчо Ѓорѓиоски (Струга ТЛ)
После подолга пауза, на тренерската работа во Првата лига се врати Илчо Ѓорѓиоски. Ја предводеше Струга ТЛ до важна победа и тоа остварена над лидерот на табелата. Така на првиот меч на домашен терен, Ѓорѓиоски дојде до победата, и му зема „скалп“ на лидерот на табелата.
==============================
ГОЛ НА КОЛОТО: Ли Ервин (Гостивар)
Конкуренцијата за гол на колото беше голема. Марјан Радески постигна убав гол за Струга ТЛ во дербито, меѓутоа оној на Ли Ервин се чини е далеку подобар. Шкотланѓанецот од слободен удар од 25 метри погоди во мрежата на Вргов. Можеби мала вина има и голманот на АП Брера кој не го намести убаво живиот ѕид, па тоа го искористи Ервин кој биеше покрај поставените играчи на ѕидот, и го совлада Вргов за голем триумф на Гостивар.
ЛИСТА НА СТРЕЛЦИ
ФОТО НА КОЛОТО: Наша топка, нивна победа!