Home » Продолжува кампањата за претседателските избори – карваните растрчани во убедување на граѓаните

Продолжува кампањата за претседателските избори – карваните растрчани во убедување на граѓаните

by Журнал.мк

„Максимум за Македонија“, „Го враќаме достоинството на нацијата“, „Храбро за Македонија“, „Европски претседател“, „Таравари за претседател“, „Македонија повторно Горда“, „Нашиот претседател Стево“. Под овие слогани седумтемината кандидати продолжуваат да ги тераат предизборните карвани.

Македонија мора да продолжи на патот на евроинтеграциите, но не по секоја цена, туку со крената глава како Македонци по основните заложби на Крушевскиот манифест вели Максим Димитриевски кој тврди дека нуди излез од црно-сивиот свет.

Доста е од црно-сивиот избор на политичката сцена во Македонија! Време е за обединување во еден граѓански концепт. Сакам да го дадам својот максимум – изјави Максим Димитриевскикандидат за претседател на Македонија од ЗНАМ.

Кандидатката на Левица вети принципиелна работа и враќање на достоинството. Од средбите со граѓаните порачува дека не преговараат за унитарноста, идентитетот, суверенитетот.

Јас зборувам за достоинство. Достоинството е да достоиш на својот принцип, а потоа можеш да бидеш горд. Бегаат од мегдан. Јас им фрлам ракавици. Од пазарчиња од улици од социјални мрежи – изјави Билјана Ванковска – кандидат за претседател на Македонија од Левица.

Стевчо Јакимовски од ГРОМ ветува надворешна политика во три правци – јакнење на позициите во однос на НАТО, САД и ЕУ.

Република Македонија е подготвена да чека на прием до 2030 година. Ако до тогаш не бидеме примени, ние не сме подготвени повеќе да седиме пред вратите на ЕУ, таму застануваме, а не се откажуваме од европскиот пат но тогаш ќе бараме сопствен пат за развој на Република Македонија – изјави Стевчо Јакимовски – кандидат за претседател на Македонија од ГРОМ.

Кандидатите од блокот на етничките Албанци, Арбен Таравари и Бујар Османи, продолжуваат да го промовираат ставот дека Бугарите мора да влезат во Уставот бидејќи само така Македонија ќе продолжи да чекори на европскиот пат.

Ние исто така ќе се фокусираме на децентрализација на здравството, да се направат клинички центри – рече Арбен Таравари – кандидат за претседател на Македонија од ВРЕДИ.

Ова се историски избори, ова се избори за Македонија да оди напред, или да се изолира – рече Бујар Османи – кандидат за претседател на Македонија од ДУИ.

Време е за Република на народот, време е за четврти Илинден. Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ најави борба со која ќе ја заслужиме гордоста но и развивање на Македонија во сите области, со што државата ќе биде подобро место за живеење, каде на вистински места ќе дојдат најдобрите, а најумните нема да заминуваат.

Гордоста како во химната сме ја заслужувале и зајакнувале со битката за правдините. Така беше со Крушевската Република, со партизаните и АСНОМ, така беше и во 1991 година. Мислам дека е време за четврт Илинден, за четврта Македонска Република. Република од народот и за народот. Република со стандарди во сите области со стручна и компетентна администрација – изјави Гордана Силјановска-Давковска,  кандидат за претседател на Македонија од ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ алармираше дека ДУИ и СДСМ се лицето и опачината на една иста паричка, а Ковачевски на тацна му ја подари Македонија на главниот стопан Ахмети.

Стратегијата како до сега, е патентот за криминалот на ДУИ кој го поддржува и изведува СДСМ. Таа партија од некогаш голема структура се сведе на слуга на желбите на ДУИ кои е јасно дека иако дојдоа со конфликт на власт овие избори се неповторлива можност да си заминат со пенкало и со силната волја на народот – изјави Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Стево Пендаровски продолжува со напади кон неговата соперничка и кон опозициската партија. И натаму кампањата ја тера сам, без партискиот лидер Димитар Ковачевски.

Ние имаме пријатели надвор, за разлика од нив, и ние знаеме до каде може да се оди во тие преговори, затоа што научивме да ги заштитуваме македонските национални интереси како ниедна друга влада претходно. ВМРО-ДПМНЕ цело време зборуваше дека ги штити нашите национални интереси, меѓутоа 11 години не мрдна со малиот прст било што да направат во тие преговори – изјави Стево Пендаровски, кандидат за претседател на Македонија од СДСМ.

Претседателот на СДСМ, пак, на повеќе активности низ скопските општини порача дека кандидатот предложен од неговата партија ќе бил претседател на сите.

Претседателот Пендаровски има исто така јасна визија, одлучност, исто како што имам и јас, нашата држава да биде земја членка на ЕУ. Меѓутоа не само заради членството, туку поради подобар животен стандард, подобри услови за живот на граѓаните. Затоа, ги повикувам граѓаните да дадат поддршка на кандидатот Стево Пендаровски, кој е наш претседател, кој докажа како треба да изгледа еден модерен прогресивен претседател кој се грижи за сите граѓани – изјави претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Македонската јавност до 8 мај кога ќе се одржат парламентарните и вториот круг од претседателските избори ќе биде сведок на реални и нереални ветувања, заложби за подобра иднина, но и тешки обвинувања и обиди за оцрнување на опонетите.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More