За време на работната посета на Вашингтон, претседателот на Собранието, Африм
Гаши, оствари средба со Даниел Џ. Лотон, заменик-помошник секретар во Бирото за
европски и евроазиски прашања на Стејт департментот на САД.
На оваа средба беше потврдено непоколебливото партнерство меѓу двете земји,
изградено врз заеднички демократски вредности, посветеноста на владеењето на
правото, борбата против корупцијата и посветеноста на меѓународниот мир и
стабилност.
Соговорниците разменија мислења за актуелните геополитички настани,
безбедносните предизвици и конструктивната улога на Република Северна
Македонија како фактор на стабилност во Западен Балкан.
Претседателот Гаши информираше за континуираните напори за полноправна
интеграција во Европската унија и изрази благодарност за континуираната поддршка
на САД во процесот на реформите.
Гаши на средбата беше придружуван од потпретседателите на Собранието, Антонијо
Милошоски и Јован Митрески, како и од владината делегација на Република Северна
Македонија, составена од министерот Стефан Андоновски, Златко Пирински и
генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
По средбите во Вашингтон, претседателот Гаши оствари пријателска средба и со
Филип Рикер, поранешен амбасадор на САД во Република Северна Македонија и
докажан пријател на земјата, со кого разговараа за неодамнешните политички
настани и продлабочувањето на стратешкото партнерство со Соединетите
Американски Држави.
На средбите беа потврдени одличните билатерални односи и заедничката
посветеност за продлабочување на трансатлантската соработка.









