Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска oствари средба со шведската амбасадорка во земјава, Кристин Форсгрен Бенгтсон, на која разговарале за приоритетите во работењето на Секретаријатот за европски прашања (СЕП) во наредниот период, резултатите од тековните реформи, како и за можностите за продлабочување на билатералната соработка.
Како што информираат од СЕП, Маричиќ на средбата ги претставил приоритетните активности и изразил уверување дека со лична посветеност и силна заложба ќе работи на унапредување и зајакнување на улогата на Секретаријатот за европски прашања како координативно тело на евроинтегративниот процес.
„Фокус на средбата беше ставен на билатералната развојна соработка помеѓу двете земји, која традиционално се остварува во рамки на Договорот за развојна соработка помеѓу Република Северна Македонија и Кралството Шведска. Од страна на амбасадорката Форсгрен Бенгтсон беше презентирана новата Стратегија за развојна помош 2021-2027, во која е предвидена и нашата земја за користење на финансиски средства во приоритетните области, клучни за реализација и унапредување на реформскиот процес. Амбасадорката додаде дека Кралството Шведска, како најголем билатерален донатор од земјите на ЕУ во земјата, ќе продолжи со поддршката на Северна Македонија и во претстојниот период“, се наведува во соопштението на СЕП.
Од таму додаваат дека новата Стратегија за развојна помош предвидува четири приоритетни области за поддршка на процесот на пристапување за унапредување на економската интеграција со ЕУ и развој на пазарната економија, зајакнување на демократијата, почитувањето на човековите права и владеење на правото, заштитата на животната средина и подобар одговор на климатските промени како и градење на инклузивни општества.