Со пропусна моќност од 96 Gbps, HDMI 2.2 ги поставува темелите за иднината на ултра-високата дефиниција.
Добро познатите и широко користени HDMI кабли и приклучоци влегуваат во нова ера со доаѓањето на новиот HDMI 2.2 стандард, кој носи драматично подобрени можности за пренос на слика. Според спецификациите објавени од HDMI Forum, овој нов стандард овозможува пренос на слика со резолуција до 16K при 60 Hz, додека за 12K нуди освежување од 120 Hz. Кај 4K и 8K резолуциите, екранот може да се освежува со неверојатни 480 Hz, со поддршка за некомпресиран 10-битен и 12-битен колорен формат.
За корисниците полесно да ги идентификуваат каблите што ги поддржуваат овие напредни можности, воведен е и нов сертификатски логотип „Ultra96“, кој означува HDMI кабел способен за пренос од 96 Gbps – што е неопходно за целосно искористување на потенцијалот на HDMI 2.2 стандардот.
Сепак, воведувањето на новиот стандард во пракса нема да се случи веднаш. HDMI 2.1 сè уште не е широко распространет на пазарот, додека многу уреди сè уште користат HDMI 2.0. Имајќи предвид дека 8K содржина речиси и да нема, а 4K при 120 Hz сè уште бара сериозни вложувања, реално е да се очекува дека 16K ќе остане теоретска можност уште некое време.