Aston Martin ја претстави најмоќната верзија на својот SUV модел DBX.
Како што сугерира името, DBX 707 под хаубата крие мотор со 707 КС и максимален вртежен момент до 900 Nm.
Сепак, ова не е моторот V12 по кој е познат Aston Martin, туку 4.0 V8 twin-turbo моторот на AMG што британскиот производител на луксузни спортски автомобили долго време го користи во своите модели.
Во случајот со верзијата „707“, овој мотор е дополнително зајакнат со 157 КС и 200 Nm во однос на „обичниот“ DBX.
Благодарение на тоа, Aston Martin се најде на врвот на понудата на скапи SUV модели кога станува збор за моќноста и перформансите на моторот, оставајќи ги зад себе моделите како Lamborghini Urusa (650 КС) и Bentley Bentayga Speed (635 КС).
Инаку, масивната моќност на овој Aston Martin се пренесува на сите четири тркала преку 9-степен автоматски менувач, а автомобилот „спринтира“ 0-100 км/ч за само 3,2 секунди, додека максималната брзина е 310 км/ч, што е исто така пред конкуренцијата, бидејќи максималната декларирана брзина на Bentley Bentayga Speed е 306 км/ч.