Home » Прилепските актери седум години чекаат на ветувањето за нов театар

Прилепските актери седум години чекаат на ветувањето за нов театар

by Журнал.мк

На крајот од годинашното, инаку доста успешно 58-мо театарско издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, и на македонските театарџии како да им „пукна филмот“ – зошто театарски Прилеп се’ уште нема нов театар, а кој беше ветуван цели 7 години и кој досега требаше да биде готов.

(телоп) „На Прилеп му треба театарска зграда! Да не дозволиме материјалното да му го заземе местото на духовното, да не дозволиме излишните луѓе да ги истиснат и да им го заземат местото на оние што му требаат на секое општество“ – порача Зоја Бузалковска – професорка и театарска режисерка.

Сега веќе фамозната изградба на новиот театар во Прилеп, ја најави уште екс-премиерот Заев, кој во декември 2020-та од центарот на Прилеп оптимистички се пофали дека во 2021 година ќе се започне со изградбата.

„Во моментов се трансферираат 4,5 милиони денари на сметката наменска, посебна на Прилеп за изработка на главниот проект за театарот кој што следната година ќе почне да се гради“, – изјави Зоран Заев, екс-премиер (19.12.2020).

По безмалку четири години оттогаш, ветениот театар останува да биде пуста желба на прилепчани, а особено на театарските работници кои со години работат во субстандардните услови од постоечкиот театар кој е сместен во стогодишен објект. А Проектот за новиот театар дури годинава бил испратен на ревизија и се чека ревидентот да го одобри за потоа да се бара дозвола за градба.

„Мислам дека цел град посакува нов театар и има потреба, затоа што во Прилеп се одржуваат и Театарските игри „Војдан Чернодрински, а веќе во Македонија имаме толку модерни театри, така што ние се соочуваме со проблеми на сцена, и на техника, и на изведување на претставите, затоа што ние не можеме да ги опслужиме на вистинскиот начин, на кој што е потребно и заслужуваат сите професионални театри во нашава држава“ – изјави Јасмина Мицовска – Станкоска, в.д. директор на НУЦК „Марко Цепенков“, Прилеп.

Инаку, во изминативе седум години, во Минстерството за култура се сменија дури пет министри, но Прилеп, се’ уште никако да добие нов театар.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More