Од 65 издвоени истории на онколошки пациенти кои примале билошка терапија од 2018 до 2022 година на Клиниката за онколигија, со помош на словенечки и српски експертски вештачења утврдено било несоодветно лекување кај 47 пациенти, информираа од здружението Хема-Онко по денешната средба со Основниот јавен обвинител.
Ана Марјановиќ онколошки пациент од истото здружение објасни дека, ваквите информации се од големо значење и за пациентите и за нивните семејства бидејќи како што рече, онкологија е местото каде сите пациенти бараат надеж и ден – живот повеќе.
Од Основното јавно обвинителство информираа и дека во следните денови ќе ги контактираат пациентите кај кои вештачењата утврдиле пропуст во лекувањето или нивните законски застапници со цел да ги информира и да им укаже на нивните права како оштетени.
Темата за Онкологија и денеска се најде на дневен ред кај најголемите политички партии. Од ВМРО-ДПМНЕ го обвинија поранешниот министер за здравство, а сегашен лидер на СДСМ, Венко Филипче за непостапување и молчење за како што велат криминалот со лековите на онкологија.
Лидерот на опозициската СДСМ, Филипче за ваквите обвиненија вели дека се лажна кампања која се води против него. Објасни и дека не чувствува никаква вина за случајот.
Предметот „Онкологија“ е поделен на два дела. Првото обвинение е за еконосмкото работење на клиниката и тука се опфатени две лица, поранешниот медицински директор д-р Нино Васев и организацискиот директор Нехат Нухи од Клиниката за онкологија кои се обвинети за злоупотреба на службената положба, измама и проневера на службата. За двајцата директори минатата недела беше определена мерка куќен притвор. Додека второто обвинение, пак, се однесува на третманот на пациентите.