Изразувам голема благодарност во име на Уставниот суд за вашата иницијатива да се продолжи оваа соработка. Во текот на 2007 година, нашите претходници следејќи ги пријателските односи помеѓу двете држави потпишале Меморандум за соработка. Она што нам ни останува како должност е да му обезбедиме живот, суштина и динамика на тој Меморандум. Токму овој документ ни е поттик и рамка заеднички да ја унапредиме соработката и заемната поддршка во меѓународните форуми како Балканскиот форум на уставни судови кој следната 2025 година ќе се одржи во Република Туркије, а во 2026 во Македонија, во рамките на Европската и Светската конференција на Уставни судови, истакна претседателот, д-р Дарко Костадиновски.
Централни теми за кои се водеше дискусија и се разменуваа искуства, беа механизмите за извршување на одлуките на судовите, механизмите за следење на извршувањето на одлуките, за кои свои излагања имаа судијката проф. д-р Ана Павловска-Данева и судијата м-р Фатмир Скендер, додека судијката м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева имаше свое излагање на темата за уставната тужба.
Беа прецизирани и конкретни области за соработка во наредниот период, како што е користењето на Истражувачкиот центар кој е дел од Уставниот суд на Туркије, продолжување на практиката за стручна размена и престој на ниво на судии, студиски престој и учество на Летната школа на стручната служба, како и можностите за поддршка на капацитетите на Уставниот суд на Република Северна Македонија во поглед на дигитализација на Судот, опремување со современи компјутери и друга ИТ опрема.
На средбите со претседателите на Врховниот суд и Државниот совет на Туркије, делегацијата беше информирана за надлежностите и поставеноста на двете институции во правосудниот систем.
Претседателот Костадиновски се сретна и со потпретседателот на „Тика”, Махмуд Чевик. На пријателската средба беа разменети информации за можностите за натамошна поддршка од организацијата, за Уставниот суд со цел дигитализација и за обновање ИТ опремата,што е во насока на поефикасно работење на Судот.