Најголемото и најпопуларно поштенско сандаче на светот Gmail ќе добие мала, но исклучително корисна надградба. Со помош на вештачката интелигенција Gemini корисниците ќе можат да одберат да ја подобрат својата имејл комуникација.
За жал функционалноста е достапна единствено за претплатниците на Google One AI Premium пакетот или за корисниците кои се претплатници на Google Gemini додатокот за Workspace.
Вештачката интелигенција овозможува функционалност која може да го прегледа текстот и да сугерира корекции. Корисниците имаат избор помеѓу „полирање“, „формализирање“, „елаборирање“ и „кратење“ на имејлот. Користењето е супер едноставно. На почеток корисникот може да забележи „Help me write“ шорткат, со негово одбирање вештачката интелигенција автоматски ќе генерира драфт мејл. Штом текстот надмине 12 збора корисникот ќе забележи нова кратенка „Refine my draft“. Со повлекување со прст преку кратенката се отвораат функционалностите кои ги споменавме.
Додека нe ја видиме функционалноста во акција, може да шпекулираме што прави секоја од овие опции. Сепак, називите се доволно описни, па еве што мислиме дека прават опциите:
Polish (Полирање): Кога пишувате поважен имејл и сакате да го направите поформален и без граматички грешки, функцијата „Polish“ може да го прегледа текстот и да ви предложи подобри формулации. На пример, ако напишете „Да се сретнеме утре,“ „Polish“ може да ви предложи „Ве молам да потврдите дали утре е погоден ден за состанок“.
Elaborate (Елаборирање): Ако вашиот имејл е премногу краток и не го објаснува доволно барањето, „Elaborate“ ќе го прошири текстот со дополнителни информации. На пример, „Ви пишувам за проектот“ може да стане „Ви пишувам за проектот кој го разгледувавме минатата недела и би сакал да дискутираме за следните чекори“. Секако ова значи дека и претходната комуникација сте ја правеле преку овој мејл, ама дури и ако не е вака, веруваме дека Google ќе го овозможи ова во иднина.
Formalize (Формализирање): За оваа функција се чини не треба премногу да нагаѓаме. Функцијата е корисна кога сакате да го направите вашиот имејл попрофесионален. Наместо „Здраво“, функцијата може да предложи „Почитуван/a“, а обичните реченици може да ги претвори во поформални изрази.
Shorten (Кратење): Ако имате премногу долг текст и сакате да го скратите без да го загубите значењето, „Shorten“ може да го направи тоа. На пример, „Би сакал да ви објаснам неколку точки за да бидам сигурен дека сѐ е јасно“ може да стане „Еве неколку важни точки.“
Функционалноста е достапна на сите платформи, на веб, на Android и на iOS, но како што споменавме треба да сте претплатници на некои од пакетите.
Ова е една од ретките области во кои Google има предност пред OpenAI. Иако Gemini можеби нема толку напредни можности како ChatGPT, Google има бројни поврзани услуги каде што вештачката интелигенција може да биде интегрирана и искористена. На пример, Gemini и OpenAI може да ги користите за сортирање на податоци, кои потоа може да ги импортирате во Google Sheets. За разлика од OpenAI, Gemini може автоматски да ги сортира податоците и да ги внесе во Google Sheets без потреба од интервенција на корисникот, додека за OpenAI е потребен дополнителен чекор во кој корисникот рачно ќе ги префрли резултатите од ChatGPT во Sheets.
Примерот потврдува дека Google останува на врвот кога станува збор за иновации во светот на вештачката интелигенција и интеграцијата на истата во секојдневните алатки, овозможувајќи им на корисниците едноставност и ефикасност во нивната работа.