Најмалите ставени на листа на чекање – Државниот ревизор се соменева дека неизградбата на нови градинки довело до тоа 80 000 деца да се надвор од нив. Дополнително, од ДЗР предупредуваат дека преполнетоста на веќе постоечките градинки доведува до последици за квалитетот на воспитно-образовниот процес кај децата од три до пет годишна возраст.
– Со 4.851 дете на листа на чекање и 75.874 деца кои не се сместени во градинки, се отвора прашањето дали причините за ограничениот опфат се должат на недоволните капацитети или на други фактори, што бара дополнителни анализи и соодветни мерки од надлежните институции. Пополнетиот капацитет за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст во мај 2024 година го надминува расположливиот капацитет во 67% од градинките. Ова води до прекумерно оптоварување на групите, особено во возрасните групи од 3-4 и 4-5 години, што влијае на условите за работа на воспитувачите и квалитетот на грижата за децата. – Државен завод за ревизија.
Државниот завод за ревизија утврди дека надлежните институции немаат соодветен систем за следење до која фаза на изградба се новите градинки ниту пак во која состојба се веќе постоечките, а не подготвуваат ни извештаи за обезбедување на оптимални услови за згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст.
– Изградбата на детски градинки е клучна за унапредување на детската заштита и обезбедување соодветни услови за најмладите. Сепак, анализата на реализацијата на овие проекти покажува сериозни предизвици, доцнења и административни пречки кои го забавуваат процесот на изградба и пуштање во употреба.
За градежни работи и опремување на градинките Министерството за социјална политика, демографија и млади за четири години исплатиле 4 милиони евра буџетски средства, од кои 3,5 милиони евра, во градинки чија градба не е завршена подолг временски период или се завршени но не се пуштени во употреба, утврдува ДЗР.