Предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски се уште не е доставен до советот на јавни обвинители. Владата на утрешната седница најпрво ќе го разгледа доставеното мислење од правда за разрешувањето на Коцевски, а потоа иницијатива ќе треба да се најде пред членовите на советот.
“На утрешната владина седница ќе се разгледа мислењето доставено од Министерството за правда, по што согласно законските обврски истото ќе се достави до Советот на јавни обвинители. Како Влада ќе продолжиме да преземаме активности кои се во насока на подобрување на функционирањето на правосудниот систем, довербата на граѓаните е сериозно нарушена и затоа сме силно посветени конечно да владее правото и да имаме правна држава”, велат од Влада.
Владата побара разрешување на Коцевски меѓу другото и поради тоа што тврдат дека советот на јавни обвинители незаконски поставил нов шеф на вишото скопско јавно обвинителство, додека траедисциплинската постапка против Мустафа Хајрулахи, кој раководеше со ова обвинителство. Сепак, Хајрулахи смета дека овој потег на Коцевски не е единствената причина за да се бара негова смена.
„Причината за неговото разрешување е недоволното познавање на правото, недоволното познавање од одредбите на законот за јавното обвинителство и за жал потполната контрола од Гаврил Бубевски врз јавниот обвинител којшто слепо ги следеше неговите желби и ги исполнуваше како што ќе му беа нарачани„, рече Мустафа Хајрулахи, суспендиран шеф на вишото скопско јавно обвинителство.
Владата утре ќе го разгледа мислењето од правда за Коцевски, а во кое е наведено дека Коцевски постапувал по случаи во кои постоело судир на интереси, како и дека тој требало да биде однапред свесен за тоа и да се изземе од таквите предмети. Од друга страна, извршната власт постојано ја критикува неговата работа и го обвинува Коцевски дека обвинителството под негова палка воопшто не постапува по предмети за кои има јавно достапни докази. Откако влада утре ќе го испрати предлогот за негово разрешување до советот на јавни обвинители, советот ќе има 15 дена рок да одговори, а независно од тоа какво ќе биде мислењето на советот, последниот збор за смена на Коцевски ќе го има Собранието. За смена на државен јавен обвинител потребно е двотретинско мнозинство.