Предлог-законот за бранители останува заглавен во Собранието. По повикот на СДСМ да се свика Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, вчера претседателот на Собранието Африм Гаши рече дека ќе ја свика оваа Комисија, но дека одговорноста за свикување на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади е кај претседателката на Комисијата.
– Според Деловникот, претседател на Собрание според член 26 став 4, може да свика седница по барање на потпретседателот избран од опозицијата. Но, секако дека јас поодамна најавив дека за коализија меѓу членови од Деловникот, секогаш кога ќе се појават такви ситуации, ќе свикаме Комисија за деловнички и мандатно имунитетни прашања. И тука во Комисијата, ако може јавноста и експертската јавност да ја вметнеме, за да донесеме поквалитетни заклучоци со кои ќе се служи и актуелниот состав, но и другите собраниски состави во иднина, рече Гаши на вчерашниот брифинг со новинарите.