Долгротрајноста на судските постапки во државата и натаму претставува една од најчестите повреди на човековите права од страна на судовите, изјави министерот за правда Игор Филков, на отворањето на 15-тата сесија на Националната конвенција на ЕУ во земјава. Филков потенцираше дека оваа повреда на човековите права е нотирана и од европските судски инстанци.
„Наместо судовите да ги штитат човековите права тие истите ги повредуваат, што е констатирано со бројните одлуки на Европскиот суд за човекови права против нашата држава, каде најчестите повреди се констатирани токму за правото на правично судење во разумен рок согласно членот шест од европската конвенција за човекови права и основни слободи“, рече Игор Филков, министер за правда.
Задоцнетата правда е изгубена правда, порача Даниела Алексовска Стојановска, судијка во Кривичниот суд Скопје. За неа, главна причина за бавноста на судовите е недостигот на интероперабилност.
„Интероперабилноста во судството би значела побрз и победбеден начин на обезбедување на податоците. Според моменталната состојба во судовите доколку е потребно да се прибават одредени податоци за некое лице, како на пример единствен мачитен број или проверка на адресни податоци тоа се прибавува со упатување на писмено барање до надлежната служба во МВР, а оттаму податоците се чекаат со недели, некогаш дури и со месеци“, Даниела Алексовска Стојановска, судија во Основен Кривичен суд Скопје.
Правниот експерт за западен Балкан, Кристијан Туркаљ, вели дека не е проблем судовите да работат со заостанати предмети, но проблем е доколку тие стојат во фиока со децении.
„Индикаторите на проблемот се секако големата количина на нерешни предмети, но јас би рекол нерешени предмети кои се постари од три години. Бидејќи, јас би рекол дека тоа е како болница мора да има пациенти за да функционира, значи ако немате предмети, зошто ќе ви се судови. Но, не треба да имате предмети кои се стари повеќе од 5, 10, 15 години. Таквите предмети покажуваат дека имате сериозен проблем“, рече Туркаљ.
Националната коненција во рамки на која се зборуваше за зголемување на ефикасноста на судовите препорачува и побрза размена на податоци меѓу судовите и институциите, јавен надзор врз судските постапки, но и вложување во дигитализација на судовите ширум земјава.