По одигрувањето на 31. коло на Првата фудбалска лига (ПМФЛ) остануваат уште многу малку дилеми. Шкендија е шампион, во Европа ќе играат и Силекс и Работнички, лигата ќе ја напуштат Воска Спорт и Гостивар. Екипата која ќе игра бараж со третопласираниот тим во Втората лига ќе се дознае по одигрувањето на последните две кола, а да го избегнат дуелот за останување во елигата се борат Беса и Брера.
Шкендија ќе ја претставува Македонија во квалификациите на Лигата на шампионите и има можност и во случај на елиминација во второто коло, да се префрли во квалификациите на Лига Европа. Наши претставници во квалификациите на Конференциската лига се Силекс и Работнички, а последниот трет наш претставник ќе биде познат во финалето на Купот на Македонија. Вардар и Струга Трим Лум на 21 мај ќе го дадат одговорот на последната дилема.
Веќе в сабота Македонија Ѓорче Петров и Арсими ги имаат првите меч-топки за математичка потврда за промоција во Првата лига.