Нови 2.341 случај на коронавирусот се регстрирани во претходното деноноќие што е речиси 38 отсто од вкупно тестираните 6.193 лица. Во моментов активни се 20.856 случаи на КОВИД-19, најмногу во Скопје – 11.390, потоа во Битола – 1.613 и Прилеп – 754. Најмал број активни случаи се забележани во Дебар – 22 и Дојран – 14.
Од Министерството за здравство во изјава за МИА информираа дека на инфективните одделенија и во ковид – центрите во државава се хоспитализирани вкупно 576 пациенти со КОВИД-19 и има 183 слободни кревети. Во ковид – центрите во Скопје вкупно се хоспитализирани 174 пациенти од кои 71 на Клиниката за инфективни болести, 75 во ГОБ „8 Септември“ и 28 на Клиниката за белодробни заболувања ТБЦ.
На последната седница на главниот координативен кризен штаб беше усвоена препораката на Комисијата за заразни болести за кратење на периодот на изолација после позитивен ПЦР-тест од десет на седум дена. Оваа препорака е донесена поради полесната клиничка слика предизвикана од омикрон сојот. Кризниот штаб ја достави препораката до Владата и за неа треба да се дискутира на следната владина седница.
Од почетокот на вакцинацијата против коронавирусот во Северна Македонија, вкупно се вакцинирани 864.759 лица со барем една доза на вакцина против КОВИД-19 во државата и странство. Податоците од Институтот за јавно здравје покажуваат дека комплетно вакцинирани со две дози се вкупно 841.143 лица, а со трета доза се вакцинирани 122.752 лица.
И регионот бележи пораст на позитивни случаи на вирусот. Во Србија вчера се регистрирани 19.901 нов случај, што е рекорден број на заболени за еден ден во државата од почетокот на пандемијата, а се зголемува и бројот на хоспитализирани случаи.
Европската Унија од 1 февруари ги олеснува мерките за патување во земјите-членки, односно го олеснува слободното и безбедно движење. Мерките против ширењето на инфекцијата треба да се спроведат земајќи ја предвид здравствената состојба на поединецот, а не епидемиолошката состојба во регионот од кој доаѓа.
Исклучок се „темно црвените“ области со високо ниво на циркулација на вирусот. Тоа значи дека клучна одредница за патувањето ќе биде дигиталниот ковид-сертификат на патникот, негативен тест или дека ја прележал болеста.
Од почетокот на пандемијата во земјава регистрирани се 259.328 позитивни лица на вирусот. Направени вкупно 1.755.926 тестирања на КОВИД-19. Оздравени се 230.206, а починати 8.266 лица.