Пожарникарите од Куманово и Старо Нагоричане вчера интервенирале на опожарени површини со жито во липковското Ропаљце и во кумановско Клечовце, соопштија денеска од Регионалниот центар за управување со кризи Куманово.
Во Клечовце гореле житни површини од околу три хектари, во интервенцијата учествувале и вработени од приватен субјект кој е во непосредна близина на опожарената површина. Жито горело и во липковското село Ропаљце.
Опожарена сува трева горела во липковско Никуштак во близина на гробиштата, како и во кумановското село Студена Бара. Смет горел во Куманово, во населбата Средорек во два наврати.
Во општина Куманово се одржа локален совет за превенција на кој претставници од повеќе институции, локална власт, СВР Куманово, ТППЕ Куманово, Основното јавно обвинителство, подрачните единици на РЦУК И Дирекција за заштита и спасување разговараа за актуелните пожари на подрачјето на општината, а беа потенцирани и најкритичните точки каде се случуваат пожарите, локалитетите: „Стари Лозја“ и „Бавчи“.
„Комуналната инспекција, кумановската полиција, членовите на Советот на општината ќе ги посетат критичните точки во Куманово и ќе разговараат со населението. Територијалната противпожарна единица Куманово ќе обезбеди мобилна опрема за гасење на пожари (грбни пумпи и челични метли) и ќе ги стави на располагање на СВР Куманово, чиишто тимови би можеле да делуваат. Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ ќе започне со интензивни активности за расчистување на диви депонии во градот, каде постои ризик од пожари. Во тек на наредна недела да се одржи состанок помеѓу Општина Куманово, СВР Куманово и сопственици на мотокултиватори, како создавачи на диви депонии, со цел да се спречи оваа појава, било истакнато на состанокот.
На состанокот инициран од градоначалникот Максим Димитриевски, присуствуваа претставници од општината, СВР Куманово, командир на ТППЕ, претставници од Основно јавно обвинителство, РЦУК Куманово и Дирекција за заштита и спасување.