За два дена започнува повторното судење за утврдување одговорност за пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 лица. Првиот судски процес заврши без затворски казни, поранешните директори на болницата, Флорин Бесими и Артан Етеми, добија условни затворски казни од 18 месеци за кривично дело „предизвикување општа опасност“, додека докторот на смена Бобан Вучевски беше ослободен од обвинение за делото „непостапување по здравствени протоколи“. За истото дело и клиничката болница Тетово беше ослободена од обвинение, но овој правен субјект доби парична казна во износ од милион денари за „предизвикување општа опасност“. Сепак гостиварска Апелација во април годинава ја укина првостепената пресуда на судијата Јордан Велковски и го врати случајот на повторно судење.
“Отсуството на образложени причини за решителни факти, ја прави обжалената пресуда нејасна, неразбирлива и неподобна за целосно испитување по однос на нејзината правилност, на што основано се укажува во изјавените жалби на обвинетите”,велат од Апелационен суд Гостивар.
Роднините на починатите се надеваат дека со новото судење ќе може да се утврди одговорност.
„Сметаме дека правдата доби зелено светло да излезе на виделина. Сакам да истакнам дека во оваа држава беа обвинети три лица, но нагласив дека има и други лица кои не се на обвинителна клупа, но по враќањето од Апелација на Гостивар верувам дека ќе има правда. Јас како Мумин, имам потенцирано на седниците каде е министерот, заменик-министерот за здравство, фирмата БРАКО или тие што ја поставиле струјата. Порака и за судот во Тетово, внимавајте да не згрешите како што се случи првиот пат и да трпиме. Нека излезе вистината еднаш засекогаш и виновниците да ја добијат заслужената казна“, рече Мумин Исмаили- роднина.
Судија и во повтореното судење е Јордан Велковски, а овојпат на обвинителната клупа ќе седнат поранешниот директор на болницата Флорин Бесими и поранешниот економски директор Артан Етеми. За докторот Бобан Вучевски, Апелација ја потврди првостепената пресуда,и тој се ослободува од натамошно кривично гонење.. Обвинението повторно важи за Клиничката болница Тетово како правно лице.
На 8 септември 2021 година 14 лица кои се лекуваа од ковид во модуларната болница и членови на нивни семејства починаа во пожарот кои изби во модуларната болница,, а истрагата на обвинителството во соработка со експерти од Германија покажа дека пожарот настанал како резултат на краток спој на продолжен кабел. Првиот судски процес за траеше 10 месеци.