Home » Повеќе опструкции, а малку поддршка и подадена рака

Повеќе опструкции, а малку поддршка и подадена рака

by Журнал.мк

Наближувањето на октомври и сесијата на Советот на ЕУ секогаш ги „бранува“ политичките надежи и очекувања, како кај земјите членки, а можеби и повеќе кај земјите кандидати. На октомврискиот самит на ЕУ треба да биде усвоен и новиот состав на Европската комисија, како резултат на европските избори одржани во јуни, но најавени се и меѓувладини конференции со ЕУ на земјите кандидати, како Црна Гора, Србија и Албанија. Сѐ уште актуелниот комесар за проширување Оливер Вархеји го најави Одржувањето на меѓувладината конференција со Македонија во кондиционал, со „можеби“, свесен за постоењето на опструктивниот нестандарден услов во македонската преговарачка рамка за отворање на поглавјата – уставни измени со ултиматум за внесување на бугарското малцинство во македонскиот устав.

По минатонеделната посета на Брисел, македонскиот премиер Христијан Мицкоски го коментираше предизвикот со кој е соочена Македонија во процесот на евроинтеграциите и фактот дека Албанија (со која во ист ден, 19 јули 2022 година беше одржана првата меѓувладина конференција во Брисел) може да ги започне преговорите веќе наредниот месец.
– Ќе ве потсетам дека на почетоците на овој милениум бевме во група со Романија и Бугарија, за да излеземе од таа група. Па потоа бевме во група со Хрватска, за да излеземе од таа група, па потоа со Србите и Црна Гора, за и таа група да нѐ претрка, па со Албанија, па сега и Албанија ќе нѐ претрка – наведе премиерот Мицкоски.

Раздвојувањето на патот кон ЕУ, на Македонија и Албанија започна со сечењето на тортата по првата меѓувладина конференција во Брисел, во јули 2022 година – Фото: „Нова Македонија“
Премиерот истакна дека додека тој е на чело на македонската влада нема да прифати ултиматуми за нашата држава да стане дел од европското семејство.
– Мојата порака до луѓето во Брисел е јасна. Ако навистина сакате да бидеме дел од европското семејство, тогаш има начин. Ако има желба, има и начин. Повеќе ултиматуми немаме намера да прифатиме, барем јас додека ја водам македонската влада. Ултиматуми нема да прифаќам, ниту има цена што може да ме убеди да прифатам ултиматум. Сакам овие граѓани и мојата татковина да бидат дел од тоа семејство врз основа на мерит-системот, а не врз основа на дополнителни национални срамови и идентитетски отстапки. Тоа нема да го дозволиме! – категорично изјави Мицкоски пред македонските новинари, по враќањето од Брисел.

Која формула е поуспешна – заедно или секој по свој пат до ЕУ?

Кога станува збор за евроинтегративниот пат на Македонија, во овие речиси дваесетина години со кандидатски статус, карактеристично е тоа што не може да се пронајде некаква „законитост“ во процесот, односно да се повика на примери и принципиелност со евроинтеграцискиот пат на другите членки. Фактите што ги наведува премиерот Мицкоски, опишувајќи го накратко нестандардното евроинтеграциско искуство на земјава, повеќе говорат за променливост и отстапување од принципите отколку за некакви стандардни критериуми според кои се води ЕУ, а до кои би требало да се придржуваат кандидатите.

Таа „променливост“ во стандардите и критериумите за проширување на ЕУ беше применета и во „тандемизирањето“ на Македонија и Албанија за заедничко започнување на преговори, во мигот кога Македонија ги имаше исполнето сите реформски критериуми за почеток на преговорите, додека Албанија беше далеку од позитивна оценка за реформите со владеењето на правото.
– Првично реков дека ќе ги обединат Македонија и Албанија врз основа на договор меѓу Бујар Османи и тогашното МНР на Албанија. Тогаш никој не веруваше, дури и Владата испрати известувања дека тоа е научна фантастика. Таа научна фантастика стана вистина и ѝ се приклучивме на Албанија. Сега изјавувам дека Албанија никогаш нема да стане членка на ЕУ. Не поради Албанија, туку поради позициите на Европската Унија – неодамна во интервју изјави вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски.

Направена ли е „втора лига“ на ЕУ за да запре проширувањето?

Изгледниот почеток на преговорите на Албанија со ЕУ, имајќи ги предвид сите претходни „престигнувања“ во евроинтеграцискиот процес на Македонија, но и целиот контекст на проширувањето на Унијата, ги наметнува дилемите во македонската јавност дали е тоа репер што треба да се брка и достигне по секоја цена.
– Нема дилеми дека ЕУ уште многу, многу долго нема да се проширува. Всушност, прашање е дали воопшто ќе има ново проширување. Тоа мора да ни биде јасно! Зошто инаку се формираше т.н. втора лига на ЕУ? Европската политичка заедница е токму тоа! Ако се додадат и четирите столба што ги пласираше Фон дер Лајен, второлигашкиот статус е комплетиран. Во таа смисла, мора да се гледа и евентуалното членство на Албанија во Унијата – вели поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски.

Предизвикот на евроинтеграциите со кои се соочува Македонија, со понудата на францускиот предлог, т.е. преговарачката рамка со нестандарден услов, сосема извесно не се Копенхашките критериуми за проширување на Унијата, туку неизвесноста со понатамошни блокади поради билатерални прашања, дури и ако се спроведат уставните измени и започнат преговорите.

Разбивањето на тандемот со Албанија не го отстранува ризикот од блокади
Според познавачите на процесот на евроинтеграции, разбивањето на тандемот Македонија – Албанија во пристапувањето кон ЕУ и можноста за формален почеток на преговорите за Албанија, сепак не го анулира ризикот за блокирање на преговарачкиот процес за двете земји.
– Тандемот во кој до неодамна бевме заедно, Албанија и Македонија, веќе не важи. За Албанија е отворен патот за преговори, иако само формално, бидејќи ќе се најдат други држави што најверојатно ќе ја блокираат. Дали ќе биде Грција или некоја друга земја, воопшто не е важно. Нам ни е „полесно“, бидејќи си имаме загарантиран блокатор. Со првата заедничка меѓувладина конференција на Македонија и Албанија со Унијата, тандемот е разбиен и повторно спојување, апсолутно нема да има. Шпекулациите дека новото проширување на Унијата ќе биде во пакет се целосно неосновани – вели Ристо Никовски. Ј.П.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk