На иницијатива на парламентарното мнозинство, во Собранието се одржа дебата за потребата од законски измени, со цел зголемување на безбедноста на граѓаните во сообраќајот. На дебатата присуствуваа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за правда Игор Филков, директорот на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот Горан Ангеловски, судии, обвинители, адвокати и невладини организации. Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, проблемот не е во висината на казните, туку во неказнивоста. Според него, решението треба да биде систематско, односно во дигитализацијата на системот на казни преку системот „Безбеден град“. Тошковски повикува и на заострување на казната во член 297 која се однесува на безбедноста во сообраќајот. Во случајот на Фросина, со овој член предвидува казна до три години затвор.
Министерот за правда Игор Филков информираше дека се работи на законски измени и дополнувања на законот за безбедност во сообраќајот, со кои се предвидуваат посебни постапки за прекршоци од областа на безбедноста во сообраќајот. Тој апелираше до судиите да бидат непристрасни во на изрекувањето на казните.
Горан Ангеловски од Советот за безбедност во сообраќајот, предложи одредени сообраќајни прекршоци да се сметаат за кривични дела, особено ако автомобилот се вози со брзина над 70 километри на час во населени места, како и ако возачот е фатен со над 2 промили алкохол во крвта. Кривично дело треба да се смета и ако возачот е фатен без дозвола. За ова, тој предложи да се конфискува автомобилот, привремено или целосно. Само во 2024 година имаше 142 жртви од сообраќајни незгоди.