Денеска се одржа комеморацијата за Тоше Поп Симонов, еден од најзначајните музичари, композитори, текстописци, аранжери и музички продуценти на македонската музичка сцена.
На собирот во спомен на еден од најсодржајните автори и пред се врвни музички продуценти со кој соработувале најголемите имиња во историјата на македонската популарна музика, присуствуваа голем број пријатели, соработници од светот на музиката и уметноста, но и почитувачи на неговиот лик и дело. Поп Симонов почина на 19 април 2025 година на 63-годишна возраст, и зад себе остави големо музичко богатство.
Настанот се одржа во кино салата Фросина во Младинскиот културен центар (МКЦ) – Скопје, симболично организиран токму на местото каде што Тоше ги направил своите први посериозни музички чекори и ги забележал првите успеси во далечната 1980 година како гитарист на тогашната џез-рок/симфо-фјужн група „Пост скриптум“.
Наратор на настанот беше музичкиот новинар и водител Антонио Димитриевски, а свои обраќања имаа познати личности од македонската јавна сцена и соработници со Поп Симонов, кои ги истакнаа неговите човечки и музички квалитети.
Со емотивен говор се обрати пејачот Дарио Панковски, кој го спореди Поп Симонов со американската музичка икона Квинси Џонс.
„Никогаш нема да се навикнам за Тоше да зборам во минато време, Тоше беше ваков, Тоше беше онаков. За мене Тоше ќе остане е. Тоше е нашиот Квинси Џонс, најхаризматичната, најинтелигентна, најпродуховена и најдуховита личност што сум ја запознал во животот, човек, човечиште, другар. Пола од моите најголеми хитови се или продуцирани или аранжирани од него или тој го напишал текстот“, кажа Панковски, пренесува „СДК“.
Присетувајќи се на соработката со Поп Симонов, се обратија и Верица Пандиловска која се јави од Холандија, групата „Фрајле“ од Србија, како и Ена Веко, која благодарение на Поп Симонов во раните деведесетти години на минатиот век донесе нова димензија на музичката сцена во земјава.
Свои обраќања во чест на нашиот прерано починат музичар имаа и Петар Георгиевски-Камиказа, Драган Б. Костиќ, Ивица Стојановски-Фиц, некогашниот член на „Студени нозе“, а со видеопорака се огласи и Игор Џамбазов.
Тоше Поп Симонов ќе остане запаметен како музичар кој суверено ги владееше сите стилови и музички жанрови, за потоа да прерасне во еден од најсодржајните автори и пред се врвни музички продуценти. Во својата кариера соработувал со повеќе македонски и балкански ѕвезди, како Тоше Проески, Дарио Панковски, Верица Пандиловска, Ена Веко, „Фрајле“ и Алка Вуица.