Home » Последни месеци од работата на Парламентот, пратеничките групи на координација со Џафери

Последни месеци од работата на Парламентот, пратеничките групи на координација со Џафери

by Журнал

Собранието денеска официјално ќе ја започне работата во новата 2024 година со координативен состанок на претседателот на Парламентот Талат Џафери со првите луѓе на пратеничките групи на која се очекува да се разговара за текот на работата на пленумот во текот на јануари. За пратениците од овој мандат следуваат последните месеци од нивната работа имајќи предвид дека на средината на февруари ќе бидат распишани парламентарните избори договорени за 8 мај. Истовремено ќе бидат распишани и претседателски избори, чиј прв круг ќе биде на 24 април.

Претседателот на Собранието Џафери, кој ќе биде премиер на преоданата Влада, пред новогодишните празници најави дека седницата за избор на техничка влада ќе биде закажана за 27 јануари, за таа да биде избрана најдоцна на 28 јануари. Ќе претходат негова оставка и седници за нејзино конституирање и избор на нов претседател на Собранието за кого се знае дека ќе биде Јован Митрески, како и оставка на премиерот Димитар Ковачевски и неговата Влада и друга седница на која тоа ќе биде констатирано и избрана техничка влада.

Во интервју за МИА на крајот на декември лани, Џафери најави дека од средината на јануари треба да почнат формално – правните постапки за подготовка за избор на техничката влада, која треба да работи на реализација на изборите за народни избраници на 8 мај.

Претседателот на Собранието Џафери тогаш кажа дека како ќе се одвиваат овие промени во смисла на тајмингот ќе се знае најверојатно од 9 јануари кога ќе се одржи првата координација со пратеничките групи во 2024 година. Според него, до 20 јануари би бил избран новиот претседател на Собранието.

-Тоа се техниките што ќе треба да ги ставиме во тајминг на којшто работиме во меѓувреме и на наредната средба на 9 јануари е редовната координација и дотогаш ќе ги имаме расчистено сите ситуации и да можеме да дадеме конкретна динамика, на која седница и како. Но, во секој случај мора да оди моето повлекување и избор на новиот претседател за да може да има претседател (на Собранието), којшто ќе прими програма и состав на новата Влада, рече во интервјуто за МИА Џафери.

На денешната средба на Џафери со координаторите се очекува тие да зборуваат и за најавата за бојкот од страна на опозициските пратеници од партиите на Албанците – европскиот сојуз на промени во врска со предлогот за член на Државната изборна комисија.

За денеска во Собранието има закажано и седница на Комисијата за локална самоуправа на која на дневен ред е Презентација на извештаите од оценката на спроведувањето на Законот за локалната самоуправа и Законот за Градот Скопје.

Утре (10 јануари) во посета на Собранието е Абдулах бин Мухамед АлШеикх, претседател на Собранието на Кралството Саудиска Арабија, Меџлиси ал Шура, кој ќе има средба со Џафери. Закажани се и седници на комисиите за култура и за европски прашања.

За четврток (11 јануари) засега е закажана само седница на Комисијата за здравство.

Првата нова пленарна седница во 2024 година е закажана за 16 јануари. На дневен ред се повеќе точки со пристигнати нови материјали.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More