Слика од британскиот математичар Алан Тјуринг, познат по неговите револуционерни откритија во компјутерската наука и криптографијата, неодамна беше продадена за речиси 1,1 милиони долари на дигитална аукција на Сотби. Ова не е обичен портрет, делото е изработенo од вештачката интелигенција Ај-Да (Ai-Da). Ова е хуманоиден робот кој во целост е управуван од вештачка интелигенција.
Ај-Да е направен да изгледа како жена со кратка коса. Со неа управува вештачка интелигенција и создава провокативни, „полуапстрактни“ слики. Името Ај-Да е во чест на Ада Ловлејс, математичарка и пионер во областа на компјутерите.
Проектот е идеја на Ајдан Мелер, поранешен галерист од Оксфорд. Тој составил тим од речиси 30 експерти за да го создаде роботот, кој сега ги поместува границите на уметноста, науката и технологијата. Откако е создадена, Ај-Да постојано се надградува технолошки, вклучително и нејзината „сликарска рака,“ која сега е веќе во третата верзија.
Портретот со наслов „Бог на вештачка интелигенција: Портрет на Алан Тјуринг“ го прикажува Тјуринг како „божество“ на вештачката интелигенција – симбол кој соодветно го претставува неговиот визионерски дух за потенцијалите на компјутерите.
Делото првично било наменето за конференција на Обединетите Нации посветена на вештачката интелигенција. Ај-Да го одбрала Тјуринг како своја „инспирација“, во чест на неговата визија за она што компјутерите може да станат.
Процесот на создавање на делото не бил едноставен и брз. Програмата на Ај-Да анализирала фотографија од Тјуринг и создаде 15 различни верзии на неговото лице, секоја фокусирана на различни аспекти од неговите карактеристики. Од овие, Ај-Да избра три дела како „финални“ и ги комбинираше со слика од машината Бомбе – уредот за криптоанализа кој Тјуринг го користел за да ги дешифрира воените кодови на Германија за време на Втората светска војна.