Home » Поранешниот шеф на Фолксваген демантира криминална вмешаност во дизел скандалот

Поранешниот шеф на Фолксваген демантира криминална вмешаност во дизел скандалот

by Lina Muslija

Поранешниот извршен директор на групацијата Фолксваген, Мартин Винтеркорн, не ги признава обвинувањата дека ги измамил купувачите и дека не ги известил пазарите навремено, за измамата со емисијата на дизел моторите. Тој додаде и дека никогаш не бил информиран соодветно околу обемот на измамата.

Винтеркорн изјави пред германскиот суд дека не се чуствува виновен за измама и ги одби обвинувањата дека уште во мај 2014 бил запознаен за манипулацијата со емисијата на дизел моторите во автомобилите на Фолксваген, за нивниот издув да се покаже почист отколку што е навистина.

„Јас не сум конструктор на мотори, не сум специјалист за контрола на емисија на мотори и не сум софтверски експерт што се грижи за моторите и за системите за пречистување на издувните гасови,“ изјави Винтеркорн.

„Во моментот не разбирав какви се техничките проблеми и не знаев дека Фолкваген веќе со години бил присутен на пазарот во САД со илегални софтверски уреди,“ кажа Винтеркорн на 4-ти септември, на вториот ден од судењето.

По девет години од скандалот со емисијата на дизел моторите, на Винтеркорн (77) му се суди во Брунсвик, во сојузната држава Долна Саксонија, во којашто е домот на Фолксваген. Аферата предизвика светско внимание и доведе до негово заминување од компанијата во септември 2015 година, по само неколку денови откако властите во САД ја завршија истрагата.

Фолксваген плати отштета во висина од преку 30 милијарди евра поради скандалот.

Винтеркорн не се обвинува заради вмешаност во конструирањето на т.н. уред за премостување, туку заради извршена измама, со тоа што не наредил запирање веднаш штом дознал за истата во мај 2014 година. На тој начин, директорот дозволил 9 милиони автомобили да бидат продадени во Европа и во САД, предизвикувајќи им штета на клиентите во висина од 100 милиони евра.

Во вториот предмет, Винтеркорн се обвинува дека предоцна ги известил пазарите за измамата со емисијата на дизелите Во третиот предмет, шефот се обвинува дека лажел со изјавата при првичното сослушување во јануари 2017 година.

Неговата функција како извршен директор била да донесува долгорочни стратешки одлуки, а не директно да се занимава со технички проблеми, изјави поранешниот прв човек на концернот пред судиите.

Марката Фолксваген имала огромно одделение за развој на мотори и Винтеркорн зависел од своите менаџери, во целосното и верно информирање – што не било случај во дизел аферата, кажа тој.

Дури и во средината на 2015 година, при истрагата во САД, точните детали за измамата уште не му биле познати целосно и тој не бил вмешан во разговорите со државните органи.

Тој исто така верувал дека постои софтверско решение и дека со него можело да се надмине проблемот. Поради тоа, тој и никој друг во компанијата, не гледал потреба да се известат пазарите, кажува Винтеркорн.

Фолксваген во САД продаваше годишно по 60.000 до 70.000 возила со дизел мотор. Тоа е мала бројка во споредба со вкупната продажба на ФВ во САД и речиси е незначително во однос со глобалната продажба на дизели на концернот, вели тој. Поради тоа, обвинувањата дека тој стравувал оти ќе го изгуби профитот биле неосновани, додава некогашниот прв човек во браншата.

„Доколку бев свесен дека зад високите емисии стои илегален софтвер и дека постои огромен правен ризик по ФВ, ќе се вмешав веднаш и ќе запрев секаква понатамошна продажба и испорака на дизел возила во САД,“ изјави Винтеркорн.

Судски случаи против производителите на автомобили со чудна разрешница

Чудни афери им се случуваат постојано на производителите во САД. Своевремено производителот на гуми Фајерстоун настрада поради пропустот во конструкцијата на Форд Експлорер од раните 2000-ти, којшто се превртуваше во свијоци. Судот одлучи дека проблемот е во гумите Фајерстоун, а не во возилото. Исто и Тојота е постојано предмет на чудни скандали. Јапонскиот производител што практично владее со пазарот во САД, „рамноправно“ со домашните производители, пред деценија и пол мораше да повика милиони возила на северноамериканскиот пазар во сервис, за да се сменат патосниците.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk