Реки студенти од сите факултети на УКИМ се слеаја напладне на платото на универзитетскиот кампус за да им оддадат почит на починатите и повредените во несреќата во кочанската дискотека „Пулс“. Облечени претежно во црна облека, студентите палеа свеќи, положуваа цвеќе и оставаа донации кои преку Црвениот крст ќе бидат испратени до семејствата на унесреќените. Цвеќе положија и министерката за образование Јаневска и ректорката Ангелова. Тие во говорите повикаа до студентите на заедништво и солидарност во овие тешки денови за Македонија.
„Во овој момент не ни останува ништо друго , освен да го покажеме нашето заедништво во овој непребол. Заедништво во болката на семејствата на загинатите, заедништво во поддршката на повредените и нивните семејства, во нивната борба за живот и за опоравување“, изјави Билјана Ангелова, рекорка на УКИМ.
„Бескрајно ви благодарам за вашето присуство. Затоа што вашето присуство значи свесност, значи солидарност, значи хуманост. Значи, споделување не само на доброто, туку и на тагата и на болката. А, тоа е најважно што младите луѓе и сите ние останатите заедно во овие тешки мигови можеме да го покажеме“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Но нивните говори не поминаа глатко.
Настанот беше прекинат трипати. Најпрвин поради дождот. А, потоа при говорот на ректорката на УКИМ и по третпат при говорот на министерката за образование, на студенти им се слоши. Па, реагираа нивни колеги од Медицинскиот факултет, но и самата министерка, која по професија е лекар.
Од Универзитетеското студентско собрание најавија активности в петок, што до тогаш ќе се прецизираат.
„Организираме заедничка настава на сите студенти на УКИМ, во вид на собири на секој кампус. Во петок ни е планирано. Или ќе одржиме марш од Биотехничкиот до Техничкиот кампус низ целиот град, или ќе се упатиме заеднички кон Кочани“, изјави Александар Николовски, претседател на Универзитетско студентско собрание на УКИМ.
На Правниот факултет е отворена книга на жалост, во која студентите можат да се потпишат.