Home » Поминаа осум месеци од мистериозното исчезнување на Драган, штипската полиција постојано превземала мерки за да го најде

Поминаа осум месеци од мистериозното исчезнување на Драган, штипската полиција постојано превземала мерки за да го најде

by Журнал.мк

Цели осум месеци, односно од 10-ти август 2024 година, семејството на штипјанецот Драган Стојанов (40) живее во агонија и бара одговор на прашањата, каде е нивниот син и што му се случило.

За Стојанов, кој излегол од домот во кој живеел со родителите во раните утрински часови, облечен само во долна облека, ,,Фокус” пишуваше во повеќе наврати.

Неговиот татко Керчо низ плач молеше за помош од јавноста, а пред се од институциите. Како што вели, Драган имал коцкарски долгови, па на почеток стравуваа од најлошото, односно дека можеби тој кренал рака на себе поради финансиските проблеми во кои западнал.

Но, по темелната потрага во пошироката околина од местото на живеење на Драган, не биле пронајдени никакви траги од него, што на семејството му дало надеж дека сепак е жив.

-Првин до нас дојдоа гласини дека наводно бил виден во Скопје. Ништо не излезе од тоа. По еден месец од исчезнувањето, пак дојдоа гласини до нас, дека наводно бил забележан во Дојран. Ниту од тоа ништо не излезе, не е пронајден и живееме со неодговорени прашања, во една тешка незивесност.

Каде е Драган, како може возрасен маж никаде од никого да не биде забележан толку долго време, како никој не го забележал откако заминал од дома, додека се движел облечен само во долна облека?- очајно прашува семејството.

Од МВР пак, за ,,Фокус” велат дека од страна на полициски службеници од СВР Штип постојано се превземале мерки и активности за пронаоѓање на лицето.

Околу тоа зошто неговите податоци и фотографија не се објавени на официјалната страница за исчезнати лица при МВР, иако семејството во многу наврати молеше фотографијата да оди и на телевизија, нема одговор.

Она кое го привлече вниманието на јавноста со случајот со Драган, е што во периодот кога тој исчезна, во рок од еден месец исчезнаа уште две лица од Штип.

Стануваше збор за Драгица Ристевска (74), чии остатоци беа пронајдени по повеќе од два месеца од исчезнувањето. Како што тогаш изјавија од СВР Штип, остатоците од жената случајно ги пронашла нејзината ќерка, во населбата Суитлак, а препознала дека се работи за мајка и според облеката. Посмртните останки не беа пратени на обдукција, туку по наредба на Јавен обвинител, биле предадени на семејството.

Другото лице од Штип кое исчезна во тој период беше Славе Димитриевски (87). Неговото тело во распаѓање беше пронајдено при ископ во Штип, на место каде се гради Мега парк, на 22-ри февруари годинава, односно по повеќе од шест месеци од исчезнувањето.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.

Неговиот син Тони Димитриевски, кој живее и работи во странство, за „Фокус” изјави дека иако полициски инспектори му соопштиле дека татко му починал од природна смрт, сепак него целиот случај му бил сомнителен.

Кажа дека телото на татко му било пронајдено на еден километар од местото на живеење, па прашуваше како никој ништо не забележал, доколку навистина имало сериозна потрага по него, потенцирајќи дека многу прашања во врска со случајот остануваат неодговорени.

Покрај овие случаи на исчезнати лица од Штип, завчера од Центарот за управување со кризи известија дека се трага по повозрасно лице од штипско Степанци, кое последен пат било забележано на 5-ти април. Иако од ЦУК информираа дека во потрагата биле вклучени околу 80 лица, сепак ниту идентитет, ниту пак фотографија од изчезнатото лице не беа објавени од надлежните служби, со цел јавноста да биде информирана и евентуално ако некој има информација за лицето, да пријави и помогне во негово пронаоѓање.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk