Родено во 23 гестациска недела е најмладото предвремено родено и преживеано бебе во Македонија. Неонатолозите велат не е важно само да остане живо туку да има и квалитетен живот. Статстиките на министерството за здравство говорат дека за разлика од порано кога стапката на смртноста била 21 процент, таа сега се движи околу 6 проценти што е во рамките на европскиот просек.
“Статистиките во 2017 година кои покажуваат смртност над 21 проценти, годинава истите се намалени на 6,7 отсто, односно 2 проценти од прочистената перинатална смртност. Минатата година во Македонија имало вкупно 604 предвремено родени бебиња, а оваа година до денес, 681 бебиња” вели заменик министерот за здравство Јовица Андоновски.
Станувањето мајка после 35-тата година, загадениот воздух, стресот и начинот на живот се само дел од причините зошто и кај нас како и во светот расте бројот на породувања пред термин. Од четири илјади породувања годишно на Клиниката за гинекологија и акушерство, над 650 се предвремено родени бебиња.
“Со цел превенирање на предвремена бременост, во Клиниката за гинекологија и акушерство од крајот на оваа година ќе почне пилот студија за бесплатна скрининг програма за детектирање на пациентки кои што би развиле прееклампсија, а исто така пуштен е во употреба и интраклинички транспортен респираторен апарат за респираторна вентилација”, информираше директорка на оваа Клиника, проф. д-р Ирена Алексиоска Папестиев.
Според неонатолозите, предвремено родените бебиња не само што треба да имаат посебен медицински третман, најважно е да имаат и квалитетен и здрав живот.
Во светски рамки годишно се раѓаат околу 13 милиони недоносени деца. Статистиката и истражувањата покажале дека женските предвремено родени деца се посилни.2/3 од предвремено родените немаат никакви последици во животот, за педијатарите овие новороденчиња имаат силен инстинкт за живот.