Ламин Јамал одигра меч за паметење против Интер на „Џузепе Меаца“, а само поради неверојатните интервенции на голманот Зомер младиот Шпанец не успеа да се запише меѓу стрелците на синоќешниот реванш.
Тинејџерот видно разочаран го напушти теренот, но нешто подоцна ги воодушеви фановите на Барселона со својата објава на инстаграм, ветувајќи дека наскоро ќе ја донесе и европската круна во каталонската престолнина.
„Дадовме се од себе, оваа година не успеавме… Сепак, ќе се вратиме, не се сомневајте во тоа. Нема да застанеме додека не го одведеме овој клуб онаму каде што заслужува – на самиот врв. Ќе го исполнам ветувањето и ќе ја донесам титулата во Барселона, нема да застанеме додека не ја освоиме. В недела пред нас е уште едно финале и сите мораме да бидеме заедно. Да живее Барса“, напиша Јамал, кој за помалку од еден ден има нешто помалку од осум милиони „лајкови“ на оваа објава.
Иако се уште не е полнолетен, 17-годишниот Јамал веќе има една титула во Ла Лига и по еден трофеј во Копа дел реј, Супер-купот на Шпанија и на ЕВРО 2024 со „црвената фурија“. Сепак, за да стане и европски клупски првак ќе мора да почека, најмалку уште една година.