Политички консултации меѓу делегациите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија и Министерството за надворешни и европски работи на Република Хрватска, предводени од државните секретари, Елена Кузмановска Биондиќ и Андреја Метелко Згомбиќ
На 03.04.2025 година, во Загреб, се одржаа билатерални консултации меѓу делегациите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија и Министерството за надворешни и европски работи на Република Хрватска, предводени од државните секретари, Елена Кузмановска Биондиќ и Андреја Метелко Згомбиќ.
На средбата беше изразено заемно задоволството од традиционално пријателските билатерални односи, придружени со интензивен политички дијалог и конструктивна соработка што двете земји ги негуваат во сите сфери од заеднички интерес во изминатите 33 години.
Државниот секретар Кузмановска Биондиќ изрази благодарност за искрената солидарност што пријателска Хрватска ја демонстрираше по трагедијата во Кочани и нагласи дека нашата земја исклучително ја цени подготвеноста на Хрватска да ги стави на располагање своите национални здравствени капацитети за помош и соодветна нега на повредените, дури и пред активирањето на Европскиот механизам за цивилна заштита, како и одбранбените ресурси со цел трансфер на повредените, во најкус можен рок.
На линија на искажаното задоволство од позитивниот тренд на развојот на билатералните односи, беше акцентиран заемниот интерес за продолжување на интензивниот политички дијалог и соработка на највисоко ниво, со посебен акцент на унапредувањето на економската соработка, соработката во областа на културата, туризмот и здравството.
Од наша страна беше реафирмирана благодарноста за хрватските ставови околу неопходноста за продолжување на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан и беше изразена подготвеност за користење на хрватското искуство на патот кон полноправното членство во Европската Унија.
Согласувајќи се дека одржувањето на засилена координација како земји членки на НАТО е врвен надворешно – политички приоритет, особено во однос на прашањето за мирот и стабилноста во Регионот, беше потврдено дека обете држави остануваат посветени на почитување на вредностите и принципите на Алијансата.
На средбата беа разменети мислења за актуелни теми од меѓународните односи, регионалните актуелности и внатрешно-политичките и економски состојби во двете земји.
За време на престојот во Загреб, Државниот секретар Кузмановскa Биондиќ се сретна со членовите и претседателката на МКД „Охридски бисер“ Виолета Штерјова, а исто така ја посети и МПЦО „Св. Злата Мегленска“ каде разговараше со протојереј ставрофор Кирко Велински и претставници на МНМ кои живеат и работат во Загреб и Загрепската жупанија. Во насока на промоција и изучување на македонскиот јазик, на двете места Кузмановска Биондиќ предаде книги од книжниот фонд на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.