Денеска преку конференциска врска, се одржаа третите политички консултации меѓу Министерствата за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија и Федеративна република Бразил, предводени од државниот секретар, Елена Кузмановска и Марија Луиса Ескорел де Мораес, секретар за Европа и Америка во Министерството за надворешни работи на Федеративна Република Бразил.
Делегациите го истакнаа задоволството од позитивниот тренд на развојот на билатералните односи меѓу двете пријателски држави, при што беше нагласен заемниот интерес за продолжување и продлабочување на политичкиот дијалог и соработка, со посебен акцент на унапредувањето на економската и парламентарната соработка, како и соработката во областа на културата, образованието, туризмот и останатите области од заемен интерес. Особено внимание беше посветено на продолжувањето на соработката на двете земји во рамките на мултилатералните организации и претседателството на Бразил со КОП 30 во Ноември 2025 година.
Беше истакната потребата од усогласување и усвојување на договорната рамка, меѓу кои иницијативата за : Меморандум за разбирање помеѓу Институтот Рио Бранко од Министерството за надворешни работи на Федеративната Република Бразил и Министерството за надворешни и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Соработка во областа на туризмот, Договор за соработка во областа на културата, Договор за правна помош во граѓански постапки и Договорот за избегнување на двојно оданочување.
Согласувајќи се дека одржувањето на политичките консултации помеѓу двете земји треба да стане редовна пракса, делегациите изразија надеж дека ваквите настани ќе ја забрзаат одлуката на Бразилската Влада за отворање на резидентна Амбасадата на Бразил во Скопје.
Од наша страна беше упатена отворена покана за посета на Република Северна Македонија до МНР на Бразил, Мауро Виеира, при што беше заклучено дека двете министерства треба да работат на организирање на посети на високо и највисоко ниво во наредниот период .
Воедно, беа разменети мислења и за актуелни теми од меѓународните односи, регионалните актуелности и внатрешно-политичките и економски состојби во двете земји.