25.4 C
Skopje
Thursday, May 13, 2021

Политичка корекција

Најчитани вести

Морам уште еднаш да го повторам ставот дека спомениците се всушност „највисоката“ политика на една држава“! Иако тоа за многумина може да звучи апсурдно, или можеби патетично, тоа е така. Зашто во мигот кога ДРЖАВАТА избира кому, или на што, ќе му посвети меморијална градба – споменик, спомен обележје, спомен парк, спомен куќа, можеби име на училиште или улица итн. – тоа е чин на највисока државна почит кон тој човек/настан, нешто што треба/мора да остане врежано не само во историските книги и учебници туку и во колективната меморија на народот. (Фактот што ние, со смената на секоја нова власт, ги менуваме и имињата на улиците само говори за нашата неукост и недоветност односно неразбирањето на значењето на чинот на именувањето на улиците!).

Следствено – да се вратам на „приказната“ со таблите – потенцијалното отстранување на таблите од спомениците за Народноослободителната војна на коишто се спомнува одредницата „бугарски фашистички окупатор“ де факто (ќе) значи сегашна интервенција во таа и таква тогашна највисока државна политика, којашто во тој миг оценила дека тоа баш така треба да биде напишано односно одбележано. Но, но, и државните политики трпат корекции, особено после 70тина години, ако науката/историјата оценила дека има простор за корекции. Не политиката, туку науката. Но, (само) во одредени случаи, политиката може да се наметне и над науката, ако таа, науката, заради различни причини, не покажала соодветен интерес за некакви корекции во толкувањето на настаните од минатото. Такво нешто, на пример, беше направено во август 2019 година помеѓу сега „завојуваните“ страни, Македонија и Бугарија, со обновувањето на споменикот на бугарскиот полковник Константин Караванлиев од Втората балканска војна 1913 година, во близина на Дојран. Овој несекојдневен случај во себе содржи бројни занимливи аспекти, но сега треба да се потенцира дека на тоа место, до 1966 година, постоел ист таков споменик (но којшто, патем, бил подигнат уште во 1916 година од страна на Бугарија!), потоа (велат) урнат од страна на тогашната македонска власт (или, подобро кажано, оставен да се самоурне!). Што ќе рече: сегашната македонска власт извршила историска и политичка корекција на тогашниот чин на (само)уривањето на споменикот. Или, низ зборовите на премиерот Заев, Македонија сега покажала дека „Не робуваме на стереотипите, туку градиме искрен и отворен пријателски однос“. (Што пак, за разлика од македонскиот премиер, бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски сосема некоректно го искористил мигот за да потенцира дека на тој настан треба да се гледа како на зближување на братските народи од двете држави кои „ги дели една наложена граница“, што не е ништо друго туку уште еден бугарски стереотип!). И повторно: на овој настан може да се гледа низ различни диоптрии – некои охрабрувачки, некои разочарувачки – но секако е најсвеж пример на државна интервенција во споменичкото одбележува.

Следствено, некој ќе праша: па зошто, на крајот на краиштата, да не се брише и таа (наводно) проблематична реченица „бугарски фашистички окупатор“? Па, прво, затоа што тоа не би биле само еден или два изолирани случаи туку една таква акција би наложувала широка државна интервенција на целата територија на Македонија. Не дека и тоа е невозможно, но е сепак прилично сложена операција. Второ, тоа веќе би претставувало државно менување на историјата односно историските факти (за коешто нема реално оправдување во науката), и трето, би значело и директна политичко/државно плеткање во колективната меморија на овој народ. Такво нешто не верувам дека некоја власт би си дозволила. Но, впрочем, дури и сето претходно спомнато да се спроведе во дело, останува да лебди прашањето: а дали навистина со физичкото отстранување на тие и такви табли односно, претпоставувам, нивна замена со исти но без „проблематичната“ реченица, се решава проблемот со колективното паметење, со историските книги, со учебниците… ? Не, се разбира, зашто државата речиси никогаш не би можела да ги отстрани сите траги што сведочат за тој период и кадешто точно се наведува карактерот на „администрирањето“ на источниот сосед во Македонија во тој период. Што пак ќе рече дека евентуалното зафаќање на државата со еден таков сложен, обемен и долготраен процес којшто, на крајот на краиштата, нема да даде никаков резултат или истиот ќе биде половичен, би било губење на време, и средства. (Како што, впрочем, се покажа дека е губење на време и средства наводното отстранување на проблематичните „симболи“ согласно „Преспанскиот договор“!).

Но, тука конечно доаѓаме и до најважната поента или до самата суштина на еден споменик: тој не „говори“, не им „раскажува“ на поколенијата (само) низ евентуалниот текст поставен на или до него, туку сведочи со силата на сите елементи на уметничкиот израз – ако го има, се разбира – со симболиката на наративот, низ експресијата на формата, фигурата, концептот… Оттука, отстранувањето на цели табли или какви и да се други интервенции во пишуваните делови од еден споменик, речиси воопшто не ја нарушува неговата кохерентност, симболика и значења! Ако ги има, се разбира. Од друга страна, нашите најважни, најголеми, нарепрезентативни споменици за Народноослободителната војна 1941-1944 година речиси и да немаат пишувани елементи! Што тогаш?

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести