Мостот Амбасадор, клучна гранична точка меѓу Канада и САД, кој седум дена беше блокиран од демонстрантите против мерките воведени против коронавирусот, повторно е отворен за сообраќај, соопштено е во неделата навечер.
„Мостот Амбасадор е целосно отворен, а слободниот протек на трговија меѓу канадската и американската економија е повторно отворен“, соопштија канадските власти.
Граничната служба на таа земја соопшти и дека на мостот сега се одвиваат „нормални гранични операции“ и додаваат дека не се препорачуваат патувања што не се неопходни. На канадската полиција ѝ беа потребни два дена за да го евакуира мостот, кој беше блокиран од демонстрантите од минатиот понеделник.
Повеќето камиони беа отстранети од мостот во саботата, но неколку стотици демонстранти одбија да си заминат. Полицијата соопшти дека се уапсени околу 25 до 30 демонстранти.
Вашингтон изврши притисок врз канадската влада, барајќи од неа да ги искористи „федералните овластувања“ за да ја прекине блокадата, која има сериозни последици за американската економија.
Протестите против епидемиолошките мерки ја тресат Канада веќе две недели. Демонстрантите од 29 јануари ги блокираа улиците на Отава и неколку гранични премини.