Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски денеска го предупреди американскиот милијардер Илон Маск, во врска со заканите дека може да го прекине интернетот на Украина преку своите сателити, дека овие услуги ги плаќаат Полска и нејзините даночни обврзници.
„Старлинк за Украина го плаќа полското Министерство за дигитализација по цена од 50 милиони долари годишно. Игнорирајќи колку е морално да се закануваме на жртва на агресија, ако SpaceX се покаже како несигурен снабдувач, тоа ќе не принуди да бараме други добавувачи“, рече Сикорски.
Полските власти, пред се вицепремиерот и министер за дигитализација, Кшиштоф Гавковски, претходно го предупредија Илон Маск за неговите пораки дека може да го прекине интернетот на Украина преку своите сателити и дека украинската армија ќе пропадне на фронтот.
Полскиот вицепремиер потсети дека ова не е подарок од Маск за Украина, туку дека од тоа заработува многу пари, врз основа на комерцијален договор што го платиле полските даночни обврзници.