Организациите и здруженијата на припадниците на македонскиот народ во Бугарија деновиве организираа неколку настани со кои се присетија на почетокот на немилите случувања што во македонската национална меморија остануваат запаметени како Горноџумајски случувања или Горноџумајски атентати. Конкретно станува збор за серија атентати што беа организирани и спроведени од Ванчо Михајлов и неговите приврзаници, со поддршка на бугарската држава. Со тие атентати беше ослабено македонското национално и револуционерно движење, бидејќи беа убиени значајни дејци и носители на идејата за независна македонска држава, како што се Димо Хаџи Димов и Арсениј Јовков.
На 15 септември од македонските здруженија во Бугарија беше организирана свечена комеморација по повод сто години од почетокот на погромот врз независното македонско движење во Бугарија, во близината на параклисот Свети Петар и Павле до селото Кремен, Бугарија. Организатори беа македонските здруженија и друштва: ОМО „Илинден“-Пирин, ОМО „Илинден“, „Општеството на репресирани Македонци во Бугарија, жртви на комунистичкиот терор“, Здружението за заштита на основните човекови права, македонскиот клуб за дискусија „Толеранција“, „Античките Македонци“ и комитетот за човекови права „Толеранција“.
На настанот беа присутни луѓе од цела Пиринска Македонија и Софија, почитувани гости беа историчарите Бранислав Светозаревиќ Покорни, Марјан Гиовски и Никица Тасевска од Република Македонија. Комеморацијата беше отворена од проф. д-р Стојко Стојков, кој истакна дека причината за организирањето на комеморацијата не се само масовните убиства, со кои, за жал, е полна македонската историја, туку бидејќи оваа застрашувачка соработка меѓу терористите, државата и медиумите во истребувањето неистомисленици Македонци е жива и денес.
– Оваа комеморација ја правиме не само за да не биде заборавена туку и за да не се повтори – рече Стојко Стојков.
Исто така беа прочитани извадоци од книгата „Предавниците на македонската кауза“ на Димитар Влахов, напишана во 1926 година, за ужасите што се случиле во неделата по 12 септември 1924 година. Во чест на загинатите се одржа едноминутно молчење, а Димитар Иванов од Шумен рецитираше две македонски патриотски песни. Марјан Гиовски ги поздрави присутните и зборуваше за борбата на македонската емиграција во Германија за одбрана на Македонците во Бугарија за време на комунизмот.
Срдечен говор одржа и Бранислав Светозаревиќ, кој им се поклони на присутните и зборуваше за откривањето на вистината, за големиот број неоткриени документи и за големиот број сведоштва што секојдневно се појавуваат за македонската самосвест на нашите предци.
Дополнително, Македонците од Разлошко, како дел од обележувањето на стогодишнината на убиствата врз Македонците во Бугарија, поставија венец-цвеќиња на споменикот на Симеон Молеров, кој бил убиен на 7 мај 1923 година, по наредба на Тодор Александров. Според Ангел Динев, Молеров бил убиен затоа што истакнал дека доколку треба да се обнови Делчевата организација, на нејзино чело треба да застанат чесни Македонци, а не луѓе како Тодор Александров и Александар Протогеров. Д.Ст.
Горноџумајски случувања
Горноџумајските случувања започнуваат на 12 септември 1924 година, кога во Горна Џумаја (денес Благоевград) е убиен Александар Алеко Василев (познат и како Алеко-паша) од страна на михајловистите. Набрзо потоа следуваа серија убиства низ Бугарија. Меѓу убиените беа Арсениј Јовков, еден од раководителите на Илинденската организација и уредник на весникот „Илинден“, Димо Хаџи Димов, Ангел Василев, Чудомир Кантарџиев и многу други. Според достапната историска документација и сведоштва, атентатите се извршуваат во соработка и со знаење на дел од бугарските власти, како што се контактите на Ванчо Михајлов со бугарскиот генералот В’лков и блокадата на Горна Џумаја од страна на бугарската војска и полиција, која имала задача да ги убие или уапси сите преостанати приврзаници на Алеко-паша, но и членовите и раководителите на Илинденската организација.
За овие настани пишуваа и многу странски дописници, а меѓу нив е Марсел Валтер, кој во својот текст со наслов „Колеж во Петричко во 1924 година“, меѓу другото, напишал „Под изговор на одмазда за убиството на Тодор Александров… се организира една вартоломејска ноќ во Горна Џумаја и по целиот петрички округ. Беа убиени 160 македонски револуционери, меѓу кои и најактивните работници на ВМРО. Беа убиени: Димо Хаџи Димов, Чудомир Кантарџиев, Александар Бујнов, Арсени Јовков, Стоју Хаџиев, Славчо Ковачев и други. Тие револуционери беа убиени за да се обезглави, да се скрши движењето што го беше опфатило целиот македонски народ… Тие беа убиени бидејќи новата ориентација на македонското револуционерно движење, високопрокламирано со Манифестот, го застрашуваше постоењето на сите балкански реакционерни и фашистички влади“. Д.Ст.