Подобри услови за работа на пожарникарите од североистокот. Три специјализирани возила за непристапни терени, опрема, и апликација за рана детекција на пожарите, добија единиците во Куманово, Ранковце, Старо Нагоричане и Липково од министерството за локална самоуправа и владата на Швајцарија. Целта е да се спречат пожарите, но и да се придонесе кон почист воздух.
„Инвестиравме 21 милион денари во набавка на три возила, подготвивме апликација која треба да послужи за рана детекција на пожарите и би требало да превенира во големи пожари во иднина. Набавена е и нова пожарна опрема“, истакна министерот за локална самоуправа.
Реконструиран е и гаражниот дел на кумановската единица. Тие се релативно добро екипирани, но возниот парк останува ист. Освен трите нови теренски возила, просечната старост на камионите е од 35 до 40 години. Единицата сè уште нема високи скали за гасење пожари во висококатници.
„Изработена е веб апликација и страница за рано пријавување и детекција на пожари што се надевам дека веќе од декември ќе работиме со неа“, истакна командирот на ТТПЕ Куманово, Деан Илиевски.
Кумановските пожарникари покриваат територија на Куманово и Липково. По потреба помогнаа и во останатите општини од североистокот.