Од Министерството за животна средина и просторно планирање попладнево информираат дека започнува втора фаза од проектот за поддршка на државава во пристапувањето кон Европската Унија во областа – животна средина.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање попладнево информираат дека започнува втора фаза од проектот за поддршка на државава во пристапувањето кон Европската Унија во областа – животна средина.
Како што појаснуваат, заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска се обратила на отворањето на иницијалниот настан за отпочнување на втората фаза од проектот, што денеска се одржал во Скопје.
– Ние особено ја цениме помошта и стручноста на шведските експерти, кои ќе помогнат во зајакнување на соработката помеѓу креаторите на политиките и засегнатите страни во областа на биодиверзитет и климата, како и за ЕУ – интеграцијата и зајакнувањето на капацитетите за апроксимација на европското законодавство за животна средина, истакнала Лашкоска.
Таа додала дека очекува успешната соработка, помош и размена на искуства од првата фаза од проектот, особено во делот на заштитата на природата и воспоставувањето на еколошката мрежа „Натура 2000“, да продолжат и во оваа, втора фаза.
– Нашата основна проценка, содржана и во последниот Извештај на Европската комисија, во врска со придонесот на нашата земја, е, дека капацитетите за активности за приближување кон ЕУ – исполнување на директивите, преговарачките капацитети и така натаму, во областа на животната средина и клима, се фрагментирани и од голема корист би било подобрувањето на планирањето, приоритизацијата и споделувањето информации, додала Лашкоска.
Заменик шефицата на мисијата на Амбасадата на Шведска во Северна Македонија, Елизабет Далберг Фриск, во поздравното обраќање ја истакнала шведската поддршка за евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија.
Таа потенцирала дека оваа техничка помош има за цел да ја подобри оперативната подготвеност на Министерството за животна средина и просторно планирање, да одговори на предизвиците околу спроведување на Поглавјето 27 – посветено на животната средина и климата.
Раководителката на Одделението за меѓународна соработка на шведската Агенција за заштита на животната средина, Биргита Лис-Лимер, ја истакнала добрата соработка со нашата држава во делот на заштитата на животната средина и природата.
Во нејзиното обраќање, таа потенцирала дека во оваа нова фаза, „главниот фокус им е на поддршката на процесот на пристапувањето во ЕУ во однос на Поглавјето 27, на заштитата на природата во согласност со барањата на ЕУ и улогата што традиционалната употреба на земјиштето и земјоделските практики можат да ја имаат во оваа област“.
Според неа, како што се додава во соопштението, активностите на шведската ЕПА, што е национална владина агенција во земја-членка на ЕУ и што има долгогодишна добра соработка и партнерство со наштата држава, ги надоврзува на довербата, континуитетот и заедничката посветеност кон еколошки напредок.
Настанот бил организиран од страна на шведската Агенција за заштита на животната средина, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, за обележување на отпочнување на втората фаза од проектот „Поддршка на пристапувањето на Северна Македонија кон ЕУ во областа на животната средина“.
– Проектот „Поддршка на пристапот на Северна Македонија во ЕУ во областа на животната средина – фаза 2“ има за цел да ги зајакне капацитетите на МЖСПП во координација и управување со процесот на приближување кон ЕУ, да ги олесни преговорите од Поглавјето 27, да ги зголеми капацитетите и интерсекторска и меѓуресорска соработка, како и соработката помеѓу креаторите на политики и засегнатите страни на локално, национално и регионално ниво, со што ќе се олесни управувањето со биолошката разновидност и климатската адаптација. Проектот е финансиран од шведската Агенција за меѓународна развојна соработка со вкупно 1.700.000 евра, а го спроведува SwEPA (шведска Агенција за животна средина) во соработка со МЖСПП, се појаснува во соопштението.