Home » Почнува реконструкцијата на сaлaта „Расадник“

Почнува реконструкцијата на сaлaта „Расадник“

by Журнал.мк

Почнува темелната реконструкција на сaлaта „Расадник“. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и министерот за спорт, Борко Ристовски, денес го означија почетокот на реконструкцијата на овој капитален проект, кој во изминатите 30 години беше оставен на милост и немилост на времето претворајќи се од најголема спортска гордост, во најголем срам. Со правната битка што ја водеше градоначалникот Ѓорѓиевски успеа да ја врати салата во сопственост на Општината, ослободена од наследените долгови. Следниот чекор како локална самоуправа беше да се нарача проект за нејзина целосна реконструкција по што, по добиената поддршка од Владата на Република Македонија и Министерство за спорт, кое ги обезбеди финансиските средства, денес беше означен почетокот на новиот живот за салата „Расадник“.

„На мое огромно задоволство денеска во нашата општина вторпат неделава за еден од најзначајните проекти е присутен и премиерот. Огромно е нашето задоволството од неговото присуство и од делата што ги прави во изминатиот релативно кус период откако е премиер, особено во Кисела Вода. Благодарност и до министерот за спорт за неговата заложба овој објект, каков што го гледате денеска, да го ставиме во историјата и овде повторно да никне храм на спортот за Кисела Вода, но и за цело Скопје. Како што може да ја видите состојбата, оваа сала е доказ за 30 години како не функционирал системот во нашата држава и како многу ветувале, а ништо не реализирале. Благодарение на силната заложба на Владата на Република Македонија, на премиерот и на министерот за спорт, од денеска па натаму овде се менуваат приказната и сликата и ова повторно ќе биде место каде што ќе се собира народот и каде што ќе се раѓаат нови спортски имиња како што било случај во минатото. Особено ми е драго што денеска е овде и г. Атанас Костовски, човек што во минатото присуствувал на отворањето на оваа сала и се договоривме на почетокот на мојот мандат дека тоа заеднички повторно ќе го направиме овде. Се надевам дека за неколку месеци и ќе ја отвориме салата заедно овде и со премиерот и со министерот. Ова е дом на ракометниот клуб ‘Вардар’, место каде што ги има направено своите почетоци. И по многу години, конечно и РК ‘Вардар’ ќе си дојде на своето место. Уште еднаш огромна, огромна благодарност до премиерот и претседател на Владата. Со овој проект, кој има сентиментална вредност за сите наши жители овде во Кисела Вода, претседателот на Владата и министерот се запишуваат во историјата кај сите граѓани овде, во историјата на Општина Кисела Вода и се надевам дека многу бргу од денеска ќе присуствуваме сите на еден настан што ќе значи преполна сала и создавање спортски спомени овде, во оваа сала“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

„Со особено задоволство го означуваме почетокот на проектот за комплетна реконструкција на салата ‘Расадник’, салата која некогаш беше полна со екипи, со спортски настани, но и беше дом за многу деца и многу генерации што се занимаваа со спорт. Она што го ветивме почнуваме да го реализираме. Од понеделник почнува комплетната реконструкција на салата, проектот за реконструкција чини 120 милиони денари. Се надеваме дека со една добра соработка со изведувачот и со поддршка од локалната самоуправа и константна комуникација со Министерството за спорт реконструкцијата ќе биде завршна и во многу пократок рок. Средствата се обезбедени, останува само да се почитува овој динамички план што ќе го договориме со економскиот оператор и повторно да ѝ го вратиме сјајот на оваа сала. Со реализацијата на овој проект ‘Расадник’ повторно ќе биде дом на многу спортови, сала што ќе произведува нови спортисти и во која ќе се промовираат вистински вредности, а не да биде ваква руина оставена на времето, во која повеќе од 15 години не е ништо направено“, рече министерот Борко Ристовски.

„Ова е еден посебен момент бидејќи нешто што со децении е оставено да пропаѓа сега почнува да се реновира, да се реконструира и да добива еден современ, модерен лик. Салата ‘Расадник’ ќе биде дом на многу спортски клубови. Од градоначалникот на Кисела Вода слушнавме дека можно е ракометниот клуб ‘Вардар’ да се пресели овде и ова да биде официјално нивниот дом. Она што можам да го кажам како претседател на Владата е дека ќе продолжиме да инвестираме. Капиталните инвестиции и реализацијата на капиталните инвестиции за нас претставува главен приоритет“, истакна претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

На настанот со кој беше означено почнувањето на реконструкцијата на спортската сала „Расадник“ денеска присуствуваа многу граѓани, спортисти, како и Михајло Михајловски, кој многу години беше претседател на РК „Вардар“, како и доајенот на македонското спортско новинарство, Атанас Костовски, кој во 80-тите години ја отворил салата „Расадник“.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk