Home » Почнало нетипично да кашла и помодрело

Почнало нетипично да кашла и помодрело

by Журнал.мк

На детското одделение во прилепската градска болница се лекува петмесечно бебе со голема кашлица. Според Центарот за јавно здравје, бебето од селото Житоше, општина Долнени, имало примено прва доза вакцина, а родителите се загрижиле кога почнало нетипично да кашла, повраќало и помодрело.

– Бебето во моментов прима соодветна терапија и е во добра општа здравствена состојба. Симптомите кај детето со кашлица и повраќање се јавиле околу 13-ти овој месец, неколку дена откако примило прва вакцина за пертусис. Веднаш било донесено на детското одделение во прилепската болница каде е хоспитализирано.

Поради карактеристичните симптоми, лекарите веднаш се посомневале дека станува збор за голема кашлица. Нè алармираа и од тие причини е побарано да се направи лабораториска дијагностика. Веднаш е дадена антибиотска терапија и детето е во општа добра состојба. Ова дете има примено една доза вакцина неколку дена пред појавата на симптомите. Значи во периодот кога детето ја добило вакцината се наоѓало во инкубација на болеста – изјави Татијана Мургоска Станимировиќ, епидемиолог во Центарот за јавно здравје од Прилеп.

Од Центарот за јавно здравје веднаш почнале со епидемиолошкото истражување, посебно кај возрасните и другите лица кои имале контакт со бебето и за нивниот вакцинален статус.

Ова е втор случај на пертусис од Прилепскиот регион. Пред еден месец е констатиран кај уште едно петмесечно бебе од долненското село Дебреште, но тоа било со лесни симптоми и веќе е оздравено. И тоа бебе имало примено прва доза вакцина.

Според епидемиологот Татијана Мургоска Станимировиќ, ситуацијата будно се следи во Регионот и не се смета дека ќе се разниша епидемиолошката состојба.

– Со оглед на тоа дека кај нас опфатот, всушност, на сите видови вакцини, е висок, а се водеше кампања да се вакцинираат и најголемиот дел од пропуштените вакцини, кај нас не очекуваме некоја подраматична слика. Секако дека ќе има спорадични, односно изолирани случаи, но сега-засега не очекуваме нешто подраматично да се случува – вели Мургоска Станимировиќ.

Опфатот на вакцинирани во Прилеп е преку 90 проценти. Од диспанзерот за вакцинација почнаа теренска посета за вакцинирање во пресрет на неделата за имунизација.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More