Русија ја нападна Украина, утрово нешто по 4 часот. Путин го најави нападот во ТВ обраќање во живо во кое рече дека Русија „покренува специјална воена операција“ во Украина.
Набргу потоа, експлозии почнаа да одекнуваат низ Украина. Експлозии има во Киев и уште најмалку шест украински града.
Руските трупи го почнаа очекуваниот напад врз Украина, додека претседателот Владимир Путин ги отфрли меѓународната осуда и санкции, предупредувајќи ги другите земји дека секој обид за мешање ќе доведе до „последици што никогаш досега не сте ги виделе“.
Москва рече дека нема намера да ја освои цела Украина, но целта ѝ е да ја „денацифизира“ и „демилитаризира“
Повикувајќи се на новинари и сведоци, Си-ен-ен објави список на места во Украина каде што се слушнале експлозии рано во четвртокот, а британскиот амбасадор во Украина рече дека почнал неиспровоциран напад врз таа земја.
„Неиспровоциран напад врз мирната земја Украина започнува откако рускиот претседател Владимир Путин одобри специјална воена операција во таа земја. Страшно“, објави британската амбасадорка Мелинда Симонс на Твитер.
Експлозиите се слушнаат источно од Киев од правец на меѓународниот аеродром, како и во Харков, вториот по големина град во Украина на североисток.
Експлозии се слушаат и во близина на Краматорск на исток, потоа источно од Мариупол, во близина на Одеса и во близина на Запорожје.