Италијанскиот избор за песна на Евровизија, 74. музичкиот фестивал Сан Ремо, почна денес со свеченото отварање во салата Аристон и ќе трае секоја вечер до 10 февруари кога ќе изберат кој ќе ги претставува во шведскиот град Малме на финалната вечер. Првата евровизиска полуфинална вечер ќе биде на 7 мај, втората на 9 мај, додека финалната вечер е закажана за 10 мај.
Сан Ремо е познат по тоа што преносот на Radiotelevisione Italiana (RAI телевизија) трае до два часот по полноќ, а покрај одличните настапи на натпреварувачите, секоја година на програмата се нудат одлични музички изведби на домашни и странски ѕвезди. Фестивалот го отвори ланскиот победник Марко Менгони, кој лани на Евровизија ја претставуваше Италија со баладата „Due vite“.
Утревечер на свената во салата Аристон ќе се појави холивудската ѕвезда Џон Траволта. Директорот на фестивалот Амедео Умберто Рита Себастиани, професионално познат како Амадеус, рече дека Траволта бил поканет благодарение на неговите улоги во филмовите „Треска во сабота навечер“, „Пеколен отпад“ и „Брилјантин“. Токму 69-годишниот актер, според познатиот водител, влијаел на многу генерации да се занимаваат со танцување, а ова ќе биде втор пат талентираниот актер да се најде на сцената на престижниот фестивал. Имено, првиот пат беше пред 19 години кога на сцената и ги масираше стапалата на актерката и водителка Викторија Кабело. Амадеус е водител на сите пет вечери.
На третата вечер, на 8 февруари, на сцената ќе ја видиме холивудската ѕвезда Расел Кроу, а се шпекулира дека ќе настапи како пејач со својот бенд. “Тој е одличен актер, но тој е и одличен блуз изведувач. Обожавам да го слушам”, рекол Амадеус за Кроу.
Други изведувачи кои ќе настапат за време на некои од вечерите се италијанската група Ricchi e Poveri и Gigliolа Cinquetti кои ја донесоа првата евровизиска победа на Италија во 1964 година со песната ‘Non ho l’eta’ и многу други.
Амадеус секоја вечер на сцената ќе биде придружуван од некој друг од светот на италијанскиот шоубиз. Така првата вечер ќе ја води со музичарот Марко Менгони, втората со пејачот Џорџо, третата со комичарката Тереза Манино, четвртата со танчерката Лорела Кукарини и финалето со комичарот Росарио Фиорела.
Годинава пред самото отварање, Амадеус направи фемили фото со сите учесници на фестивалот. Годинава се одбележува и специјален јубилеј, 40 години од победата на тогаш анонимниот пејач Ерос Рамацоти, кој со песната „Ветена земја“ се лансираше во врвот на италијанската, а потоа и светската музичка сцена.
На првата вечер како специјален гостин се појави фудбалската ѕвезда Златан Ибраимовиќ. На првата вечер се претставија учесниците на фестивалот, а годинава ги има 27. Минатата година се одржа фестивалот за дебитанти San Remo Giovani, на кој за учество на годинешниот Сан ремо виза добија пејачката Клара и групите Бнкр 44 и Санта Франчези.