Home » Почна амандманската расправа за измените на Законот за игрите на среќа и за забавните игри

Почна амандманската расправа за измените на Законот за игрите на среќа и за забавните игри

by Журнал

Собраниската Комисија за европски прашања како матично тело на денешната седница ја започна амандманската расправа за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, поднесен од Владата. До давањето на паузата Комисијата разгледа и не усвои четири амандмани поднесени од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Седницата започна со серија обвинувања меѓу пратениците од опозицијата и од владејачките партии. Тие меѓусебно се обвинуваат за штитење на нечии бизнис интереси, а оние од опозицискиот блок обвинуваат и за повторна злоупотреба на европското знаменце за носење несуштински закони.

Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека Предлог-законот за игри на среќа поднесен со европско знаменце во скратена процедура во Собранието е директно во корелација на бизнис интерес на Артан Груби и ќе служи за лично богатење на Груби и на ДУИ, а не за заштита на населението.

-За овој закон, но и за низата такви што беа донесени со европски знаменца имавме и критика во Извештајот на Европската комисија, а и директно од австрискиот претседател и од претседателот Стево Пендаровски. Покрај злоупотребата на европското знаменце, овој закон има и низа одредби кои што се многу спорни, бидејќи се врши партизација на целиот сектор на игри на среќа во кои што главни играчи се ДУИ, Артан Груби и вработени во неговиот кабинет. Со овој закон се обидува да се легализира сето она што е направено во изминатата година во која се потпишани четири лиценци и се изработени четири одлуки со кои три онлајн лотарии и една видео лотарија добија можност незаконски да работат. Токму затоа го брзаат овој закон преку кој што ќе треба да го легализираат сето она што е направено во една година во оваа насока, рече Стојаноски.

Овој закон, додаде, треба да ги покрие незаконитостите во овие одлуки и лиценци кои се доделени на фирми во кои во нивните управни и надзорни одбори се лица кои се вработени во кабинетот на Артан Груби и еден контроверзен бизнисмен од Бугарија Васил Бошков кој е ставен на американската црна листа.

Во реплика претседателот на Комисијата Арбр Адеми од ДУИ го праша чии бизнис интереси штити тој, бидејќи три години не ги става на дневен ред измените на Законот за игри на среќа и законските решенија за игри на среќа поднесени од Алијанса за Албанците на Комисијата за финансирање и буџет чиј претседател е.

-Зошто до ден денеска не се ставени на седница на Комисијата. Кој интерес го штити опозицијата на граѓаните или на казината кои ги дерат граѓаните. Поднесувате амандман од 500 на 250 метри да се намали растојанието на казината од училиштата. Во чиј интерес е тоа?, праша Адеми.

Нагласи дека онлајн игрите на среќа постојат и сега и додаде дека со измените на Законот само се прави либерализација на пазарот. Им порача на пратениците од опозицијата да поднесат амандман казината да бидат еден километар оддалечени од училиштата и нагласи дека за тоа ќе имаат поддршка од него.

Во реплика Стојаноски му одговори дека додека е претседател на Комисијата за финансирање и буџет никогаш нема да стави точка на дневен ред каква што е денешната и му порача дека токму тој како претседател на Комисијата за европски прашања ја злоупотребува функцијата за штитење на партиски интереси.

Пратеничката Арта Биљали Зендели од Алијанса за Албанците, пак, рече дека ќе поддржи законско решение со кое целосно ќе се забранат казината.

Според Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ, целта на носењето на законот е „чист бизнис интерес, односно од игра да излезат старите играчи, а да се донесат нови играчи кои ќе бидат подобни за власта и сето тоа треба да се протурка со одредбата казината и обложувалниците да бидат оддалечени 500 метри од училишните дворови“.

-Предложеното законско решение не ги решава коцкарските проблеми на македонските граѓани. Главна поента е да ги оддалечи коцкарниците на 500 метри од училиштата, но доколку се почитува и сегашниот закон учениците не смеат да влезат во казина, обложувалници и коцкарници. Со предложениот закон само се менуваат играчите во бизнисот со коцкање, рече Трајанов.

За измените и дполнувањата на Законот вкупно се поднесени 19 амандмани од кои 10 од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ изработени во соработка со Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС). Амандманската расправа може да трае најмногу три дена.

Со измените и дополнувањата на Законот за игрите на среќа и за забавните игри се предлага ограничување на просториите во кои се приредуваат електронските игри на среќа, односно да може да се приредуваат само во простории на посебните игри на среќа за кои имаат добиено согласност од Министерството за финансии.

Со цел да се намали неограниченото отворање на уплатно исплатните места кај обложувалниците, односно на деловните простории кај автомат клубовите, а со тоа и да се оневозможи лесниот пристап на населението до игрите на среќа, се предлага воведување на ограничување на бројот на уплатно исплатни места на обложувалниците со издадената лиценца, како и ограничување на бројот на деловните простории на автомат клубовите што се отвораат со една издадена лиценца и воведување на надомест за секое ново уплатно-исплатно место за обложувалница и за секоја нова деловна просторија за автомат клуб.

Измените на Законот предвидуваат соработниците на друштвото кое поднело барање за лиценца или кои сакаат да влезат во постојно друштво кое има лиценца за игри на среќа да мора да поседуваат репутација, а деловните простории во кои се приредуваат игри на среќа во обложувалница и автомат клуб, томболата од затворен тип и електронските игри на среќа да се наоѓаат на оддалеченост не помалку од 500 метри од основни и средни училишта. Начинот на мерење на оддалеченоста, како што стои во предлогот, ќе се утврди со правилник пропишан од министерот за финансии. Покрај тоа, со измените и дополнувањата се воведува надзорен информациски систем за приредувачите на електронските и интернет игри на среќа, се зголемува месечниот надомест за лотариските и електронските игри на среќа, се посочува дека електронските игри на среќа ќе можат да се приредуваат во простории каде што се приредуваат посебните игри на среќа за кои имаат добиено согласност од Министерството за финансии и се воведува нов начин на пресметка и плаќање на посебната давачка кај приредувачите на посебните на среќа (казина, обложувалници и автомат клубови). Воедно, се зголемува надоместот за издавање на лиценца за обложувалница од 105.000 евра на 200.000 евра, се ограничува бројот на уплатно-исплатни места на 25 со една издадена лиценца. За секое следно уплатно-исплатно место над 25-тото, приредувачот плаќа надомест во износ од 10.000 евра. Се зголемува и надоместот за издавање на лиценца за автомат клуб од 78.750 евра на 100.000 евра. Се прецизира дека лиценцата за приредување на игри на среќа во автомат клуб се однесува за три деловни простории и се воведува надоместок во износ од 30.000 евра. Се зајакнува регулативата и во делот на интернет игрите на среќа со имплементирање на препораката на Комисијата за принципите за заштита на потрошувачите и играчите на онлајн услугите за коцкање и за спречување на малолетници од коцкање преку интернет.

Од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) бараат итно повлекување на Предлог-законот за игри на среќа и формирање работна група од експерти, претставници на индустријата и Владата со цел, како што велат, носење на нов функционален закон. За време на траењето на седницата на Комисијата тие одржуваа мирен протест во Жена парк.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More